Вие слободно фалете си се, само знајте – Македонија има најлоши бројки во регионот за коронавирусот!

18,433

Денешните 30 нови заразени со ковид-19 во Македонија (17 мај), за жал, не се инцидент, туку потврда на бројките кои покажуваат дека во споредба со сите други земји во регионот, нашата земја има најлоши резултати во справувањето со пандемијата, наспроти сѐ уште присутната вонредна состојба и силните ограничувања и мерки за дистанцирање.

Погледнете дел од денешните бројки од статистиката на worldmeters.info/coronavirus:






Со 48 починати на 1 милион жители, Македонија се изедначи со високата бројка на жртви со Словенија (50). Но, ние не смееме ни да помислиме да се мериме со Словенците. Денеска, на 17 мај, Словенија има само 1 нов заразен, нема нови починати, па се смета дека оваа земја веќе ја има совладано пандемијата. Патем речено, да го спомнеме и тоа дека со 33.365 вкупно тестирања на 1 милион жители (три пати повеќе од Македонија, која има 10.239 тестирања на 1 милион жители), Словенија е апсолутен шампион на просторот на поранешна Југославија.

И Хрватска денеска бележи само 2 нови случаи, а земјата планира релаксирање на мерките во пресрет на туристичката сезона. Хрватска има нешто повеќе тестирања од Македонија и повеќе од двојно помалку починати (23 на 1 милион жители).

Грците исто така имаат одлични резултати. Денеска, во земјата со пет пати повеќе жители од Македонија, има 15 нови заразени, двојно помалку од нашата земја. Грците имаат нешто повеќе тестирања од нас и само 16 починати на 1 милион жители. Албанија, пак, денеска регистрира нови 13 случаи (верно, при двојно помалку тестирања од Македонија), но таа земја има само 11 починати на 1 милион жители.

И бројките на седуммилионската Бугарија се многу подобри од нашите. Таму денеска се регистрирани 36 нови случаи, но во Бугарија статистиката бележи 16 починати на 1 милион жители, двојно помалку од Македонија.

Конечно, Србија, земја со 8,7 милиони жители, значи повеќе од 4 пати поголема од Македонија, денеска бележи 114 нови случаи. При тоа, мора да се нагласи дека Србите со 20.739 тестирања на 1 милион жители, после Словенците, водат во регионот. И уште една многу битна работа – бројката на починати во Србија (26 на 1 милион жители) е речиси двојно помала од таа во нашата земја.

Од повеќето статистички показатели на worldmeters.info/coronavirus, издвоив уште еден, кој можеби најреално ја прикажува сликата и е најпогоден за споредување – бројкаta на вкупно заразени на 1 милион жители. Србија, која, како што нагласив, има речиси двојно повеќе тестирања од Македонија, е неславен шампион во регионот со 1.214 вкупно заразени на 1 милион жители. Но, за жал, на второто место е Македонија со 860 вкупно заразени на 1 милион жители, а понатаму следуваат Словеnија со 705 и Хрватска со 542 (двете земји кои веќе излегуваат од кризата), па Албанија со 329, Бугарија со 318 и најпријатното изненадување – Грција со само 272 заразени на 1 милион жители.

Да повторaм. Македонија има најмногу починати од ковид-19 на 1 милион жители во регионот (ако продолжи трендот, наскоро ќе ја надминемеи бројката на Слованија). И тоа е показателот што мене  најмногу ме загрижува. Верувам и сите вас. Македонија е втора во регионот по вкупен број случаи на 1 милион жители. И што е најстрашно, ние, за разлика од земјите кои полека излегуваат од кризата, секојдневно регистрираме многу нови случаи, при релативно скромен број на спроведени тестирања.

Заклучокот се наметнува сам по себе. Покрај сѐ уште присутната вонредна состојба, наспроти полицискиот час и големите ограничувања, за жал, Македонија сѐ уште не може да се пофали дека излегува од коронакризата. Убаво е што упорно за себе сакаме да мислиме и да зборуваме само во суперлативи, но бројките сепак укажуваат на една сосема поинаква фактичка состојба.

Знам дека многумина ќе ги оспорат статистичките релации врз основа на кои правам споредби меѓу земјите во регионот. Јас, секако, никому не му забранувам да прави и други вкрстени споредби меѓу статистичките показатели (полезни за извлекување разни други заклучоци), но апсолутно сум убеден дека сведувањето на бројките на 1 милион жители е легитимна статистичка постапка, која дава најреална можност да се споредуваат бројките меѓу земји со различна големина на популацијата. Така, на пример, ако Србија е земја со четири пати повеќе жители од Македонија, може слободно да се заклучи дека бројот на нови заразени денеска на 17 мај во Македонија (30) е повеќе или помалку еднаков со бројката на нови заразени во Србија (114).

Целта не ми е да ги оценувам перформансите на здравствениот систем и однесувањето на здравствените власти. Се изморив веќе од полемики на тие теми, а и гледам дека буквално на сѐ во оваа земја се гледа од аспектот на тоа колку пофалбите или критиките влијаат врз рејтинзите на политичарите пред претстојните избори. Верувајте, ич не ми е гајле за било чиј рејтинг и згадено ми е од тој дискурс, од разните ботови кои го мераат секој збор и на секоја бројка што нема да им се допадне (небаре јас ги бележам бројките), вреват ко збудалени – ааааа, Филипчееее супееер, Заев херооој, ти суетеееен, ааааа!

Затоа, сега сакам само да предупредам дека битката со пандемијата во Македонија не е завршена. И сакам да апелирам да не се брза барем со некои мерки што се најавуваат и со кои можеби и не мора да се брза. Една таква мерка, на пример, е отворањето на градинките. Сфаќам дека има луѓе кои имаат потреба градинките да се отворат, но убеден сум дека никакви протоколи нема да ја намалат опасноста за најмладите, но и за вработените во градинките, кои не се ни приближно инфраструктурно и кадровски опремени да одговорат на потребите во време на ваков висок ризик по здравјето на луѓето. Ако ништо друго, државата може на мајките на бебињата да им го продолжи платеното породилно боледување на еден подолг период и да ги поштеди од ризик барем најмладите од младите, ако веќе навистина постои толку голема потреба од отворање на градинките среде пандемија.

Знам дека вонредната состојба на сите тешко ни паѓа. И мене тешко ми паѓа, во секој поглед. Да сум на власт, би експериментирал и јас со внимателно релаксирање на некои мерки. На пример, можеби е разумно да се скрати полицискиот час за сите категории население. Мислам дека дури е разумно да се отворат и кафеаните и рестораните, секако со многу строг режим на одржување дистанца и хигиена. Разбирам, ни треба малку да се вратиме „во нормала“.

Но, истовремено, јас би ги засилил мерките за заштита (носење маски и ракавици каде што е потребно, редовната дезинфекција и слично) и веднаш би спровел во пракса репресија за сите што не ги почитуваат. Драконски казни, сега и веднаш! Сите пари од казните да одат на посебна сметка за борба против опасниот непријател. Извинете, но време е да си признаеме дека ние сме народ без хигиенски навики, без елементарна самодисциплина и без култура на почитување на мерките за заштита на сопствената и на безбедноста на другите. Таа култура најдобро се учи со мерки на репресија. Така Македонците преку ноќ стануваат „културни“ кога се во западните земји, кога знаат дека непочитувањето на дисциплината и некултурата се плаќаат со драконски казни и без отстапки за никого.

За планираните избори не сакам да коментирам. Кога прв пат се спомнаа корона-избори, кажав што имав да кажам. И доста е. Мислам дека секој добронамерен и разумен човек знае каков ризик носи одлуката една таква масовна операција да се изведе брзо, во јуни или во јули. Но, велам, тоа е последното нешто за што размислувам во овие денови на опасно живеење. Македонија си има претседател, си има влада, си има партии и лидери, си има претенденти за освојување на власта, па ете, тие нека одлучат, водејќи се од сопствената политичка одговорност и од личната свест и совест. А секој од нас ќе одлучи дали ќе излезе на избирачкото место и ако излезе, за кого ќе гласа. Јас за себе одамна имам одлучено. Одлучете и вие. Секој со својот ум.

 

Поврзани содржини