(ВИДЕО) „ЗОТИ АХМЕТИ НЕМА ПУШКА ЗА АЛБАНЦИ!“ ДУИ објави видео во кое „атентатор“ му се извинува на Ахмети, а тој му простил за грешката
Имам порака до сите Албанци, особено до новите генерации, да ги ценат водачите на војната, борците на војната, бидејќи благодарение на нив денес ја уживаме слободата во Косово, нашата слобода овде во Македонија, нашите права и слободи кои ги уживаме во Македонија, нашата одлучувачка позиција, тука ги имаме сите благодарение на г-дин Ахмети, вели атентаторот во својата исповед на гробишта.
Партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) испрати соопштение со видео материјал на кој, како што се вели, „може да се види како атентаторот му се извинува на Али Ахмети на гробот на неговата мајка Хума“.
Понатаму се пренесува изјава од „атентаторот“ за тоа како тој ја доживеал веста дека лидерот на ДУИ Ахмети му простил.
– Г-дин Ахмети е многу голем човек, многу голем херој, тој е народен херој. Јас ја имав таа среќа да се сретнам со многу соработници на г-дин Ахмети кои ми кажаа дека „уште од моментот кога си згрешил, од г-дин Ахмети ти е простено затоа што г-дин Ахмети нема пушка за Албанци“. Никогаш немал и нема да има. Зборовите на мајка ми ме следат веќе 15 години. Многу пати сум размислувал за тоа, а многу пати сум разговарал и со еден мој пријател, почитуваниот професор Исмет Јонузи од кого сум добил многу совети. Јас решив да соберам храброст за тоа. Беше многу тешко за мене, но не успеав барем да ја запознаам со тоа мајка ми Хума додека беше жива и затоа решив да ѝ се обратам со извинување на нејзиниот гроб. Се надевам дека после овој гест и мајка ми ќе ми прости – вели „атентаторот“ во изјавата снимена на гробот на мајка му.
Тој објаснува дека покајанието се случило од моментот на акцијата, од моментот на грешката.
– Првиот телефонски повик беше од мајка ми која ми рече „Сине, не биди луд, знаеш ли колку гнев ми се собра, не мислиш ли дека и тој има мајка, какви чувства доживеала таа“. Потоа следниот збор на мајка ми беше дека никогаш нема да ми прости. Имам порака до сите Албанци, особено до новите генерации, да ги ценат водачите на војната, борците на војната, бидејќи благодарение на нив денес ја уживаме слободата во Косово, нашата слобода овде во Македонија, нашите права и слободи кои ги уживаме во Македонија, нашата одлучувачка позиција, тука ги имаме сите благодарение на г-дин Ахмети. Апелирам до албанската младина да ги цени нашите команданти бидејќи без овие луѓе немаше да бидеме таму каде што сме – вели соговорникот на снимката направена на гробишта.
Во соопштението на ДУИ не се прецизира за кој и каков атентат врз Ахмети станува збор ниту се дава идентитетот на наводниот атентатор кој се извинува.
Во минатото регистрирани се повеќе обиди за посегнување по животот на лидерот на поранешна ОНА, а потоа и на партијата ДУИ, или барем обвинувања и шпекулации за такви обиди.
Во 2008 година Ахмети јавно го обвини претседателот на ДПА Мендух Тачи и поранешниот заменик министер за внатрешни работи Рефет Елмази дека стојат зад обидот за атентатот врз него извршен во селото Раковец.
Според пишувањата на тогашните весници, Ахмети бил убеден дека Тачи и Елмази се виновниците за атентатот и смета дека е изведен на професионален начин за да се прикријат сите докази.
– Ја следев целата ситуација и нивните изјави. Може да се заклучи дека тие го организирале атентатот. Постојат силни докази кои ги поседува истрагата и се надевам дека истражните органи ќе ја завршат својата работа без притисок однадвор. Поседуваме и фотографии кои ги направивме заедно со ОБСЕ – изјави тогаш Ахмети.
Од ДПА тогаш ги отфрлија обвинувањата, повикувајќи го Ахмети, доколку има некакви докази да ги поднесе до државните институции. Во јавноста нема информации за исходот на таа истрага, доколку е спроведена.
Според пишувања на медиумите, во 2015 година е отворена уште една истрага за закани по животот на Ахмети, за кои наводно тогаш заседавал и Советот за безбедност на државата и донел одредени заклучоци. Информациите за заканите и за подготовките за атентат биле добиени со размена на информации со блиските служби од соседството и пошироко.
Тогаш во јавноста беа лиферувани шпекулации дека Ахмети бил главна мета на заканите од припадниците на групата која беше неутрализирана во кумановската населба Диво Насеље во мај истата година. До овој немил настан, во кој загинаа и 8 припадници на македонската полиција, а над 30 беа ранети, лидерот на ДУИ и други високи функционери на „интегративците“, посредно и индиректно добивале закани дека ќе бидат ликвидирани.
Дека овие заканите не биле обичен блеф, говорат информациите дека оваа група имала и обид за атентат врз Ахмети во август 2014 година, на превојот Стража, кога биле испукани неколку куршуми во предниот дел на неговиот „мерцедес“.
Исто така, во овој период се регистрирани еден напад со минофрлачко оружје врз седиштето на ДУИ во Мала Речица, како и на владината зграда на Илинденска, што исто така било поврзувано со активностите на оваа група пред да се случи пресметката во Мала Речица.
Поради овие настани, засилени биле мерките за безбедност на лидерот на ДУИ, па тој почнал да се вози во едно од трите блиндирани возила што ги користел уште од 2001 година. Едно од тие возила во јануари 2015 година се заби на патарина пред Тетово, што беше сомнително, но во јавноста беше отфрлена претпоставката за можен атентат. Беше објаснето дека до несреќата дошло поради лошите временски услови, а возачот бил неискусен во управување со блиндирано возило. Сепак, по овој настан повторно било засилено обезбедувањето на Ахмети, вклучувајќи и тројца обезбедувачи од Единицата за брзо распоредување на МВР.
Од соопштението на ДУИ не може да се каже со сигурност за кој од овие обиди за атентат врз Ахмети станува збор во видеото. Неговото објавување доаѓа во момент кога авторитетот на лидерот на ДУИ е начнат поради долгите конфликти со т.н. Огнена група во партијата, која прво прогласи фракција, а потоа беше исклучена од партијата.