(ВИДЕО) РАФАЛИ, ШОК-БОМБИ, СОЛЗАВЕЦ, ДРАМАТИЧНО НА СЕВЕРОТ НА КОСОВО! Српската војска ставена во борбена готовност
Во три општини на северот од Косово со српско население беше планирано денеска да стапат на должност градоначалниците од албанска националност, победници на априлските избори, кои беа масовно бојкотирани од Србите.
Сирени за воздушни напади, солзавец и наводно детонации и истрели од огнено оружје денеска одекнаа во четири општини на северот на Косово, претежно населени со Срби, на денот кога требаше да стапат на должност градоначалниците од албанска националност.
Во утринските часови групи граѓани се собраа пред зградите на институциите во четири општини со мнозинско српско население – Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, но и во северниот дел на Косовска Митровица, пишува порталот Косев.
Во тие три општини беше планирано денеска да стапат на должност градоначалниците од албанска националност, победници на априлските избори, кои беа масовно бојкотирани од Србите.
Косовската полиција потврди дека им „помага на градоначалниците“ во овие градови да го „остварат правото на работа“.
Десетици припадници на косовската специјална полиција со џипови пристигнаа до зградите на локалната самоуправа во Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, а Срби, вработени во тие општини, се собраа пред влезовите во зградите, пренесе Бета.
Во Звечан се слушнале истрели, а запленето е полициско возило, јавува РТС. Ситуацијата ескалирала по дискусија меѓу граѓани и припадници на косовската полиција во Звечан, а се слушале и пукотници.
– Во неколку наврати се фрлаа солзавец и шок-бомби. После тоа граѓаните побегнаа. Потоа повторно се обидоа да се вратат пред зградата на општината, а полицијата со пушки се движеше кон општината, се слушна шок бомба, пренесува Радио Контакт Плус.
Дописникот на РТС јави и дека било опожарено полициско возило.
Според Н1, припадници на косовската полиција влегле во зградата на општина Звечан, откако употребиле солзавец и шок бомби.
На приодот кон Митровица од правец на Приштина, нема видливо зголемено присуство на полиција.
Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, потпишаа наредба за подигање на борбената готовност на единиците на вооружените сили на Србија на највисоко ниво и им нареди веднаш да се движат во правец на административната линија со Косово и Метохија, соопшти министерот за одбрана Милош Вучевиќ.
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека наредбата била издадена нешто пред 14 часот и оти Армијата започнала со активности од тој момент.
– Наредено е итно движење кон административната линија со Косово – изјави Вучевиќ во живо за белградски медиуми.
Тој предупреди дека настаните на северот на Косово, каде приштинската влада ги презема зградите на локалните самоуправи, „не се игра, туку дека тоа ја загрозува безбедноста на сите во регионот“.
Новоизбраните градоначалници дадоа заклетва на 20 мај, а претходно имаше полемики дали ќе можат да пристапат до канцелариите кои претходно ги користеа градоначалниците од Српската листа, најсилната политичка партија на Србите, која ја има поддршката од Белград.
Минатата недела Ерден Атиќ положи заклетва како нов градоначалник на северниот дел на Косовска Митровица, а истиот ден на општинската зграда беа поставени косовски знамиња.
Претставниците на Српската листа го нарекоа неговото назначување „почеток на окупацијата“ на северно Косово.