(ВИДЕО) ПОТРЕБНА Е УШТЕ ЕДНА ТЕШКА ОДЛУКА Агелер вели дека не е соодветен повратот од инвестицијата во нашите судии и обвинители
Сметав дека е многу важно да се испрати тоа писмо до министерот за правда, како и до многу други во Владата, но и до странски амбасадори, бидејќи имаме многу службеници во нашата Амбасада, кои работат на прашања поврзани со правда. САД има обезбедено повеќе од една милијарда долари за земјата во последните 30 години, наменети за невоена помош, вклучително и за проекти и активности поврзани со медиумите. Повеќе од половина од таа милијарда била наменета за поддршка на владеење на правото и добро владеење, вклучително и за правосудството. Според нашите проценки, околу 80 проценти од обвинителите и судиите во оваа земја учествувале во една од нашите програми. Кога гледаме на тоа како инвестиција, тогаш повратот на таа инвестиција не е соодветен, вели американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за МИА.
– Доколку продолжиме да инвестираме во правосудниот сектор на земјата, би сакале да видиме дека има разлика, дека постои интегритет и систем, бидејќи повторно се сведува на граѓаните на оваа земја, кои заслужуваат правосудство во кое го разбираат процесот, разбираат што се случува и дека не се работи само за ненадејно донесување на одлука некој да биде поставен на позиција за која е целосно неквалификуван без никакво објаснување. Се надевам и ова го посочив во писмото и во рамките на многу јавни разговори, дека јас и тимот од Амбасадата стоиме на располагање за разговори околу овие процеси, со цел она што го инвестираме во оваа земја да им помогне на луѓето во државата и дека нема да се случи поранешни политичари да креваат телефонот за да се донесе одлука за одреден предмет во нивна корист – вели таа.
Во врска со уставните измени кои се предуслов за започнување на преговорите за членство во ЕУ, амбасдорката вели:
– Потребна е уште една тешка одлука и навистина се надевам дека лидерите на сите политички партии ќе ги остават настрана нивните разлики и едноставно ќе постапат во најдобар интерес за земјата и за нејзината иднина.
– Знам и дека има такви надвор од оваа земја, а и во земјава, кои би сакале да му наштетат на тој процес на придвижување напред, а постои и временска рамка со Европската Унија, како и следната меѓувладина конференција, која е важна и доаѓа во ноември, така што и тоа е дел од разговорот. Не сум убедена во тоа, но има и такви кои велат дека не ги поддржуваат уставните измени, освен ако нема предвремени избори, па потоа ќе ги поддржат. Мислам дека или поддржуваш да се направи она што е потребно за придвижување кон ЕУ или си против. И повторно се надевам дека оние, во која било партија, кои се грижат за иднината на оваа земја ќе ги донесат одлуките за да се продолжи напред и ќе ги преземат активностите што се неопходни за придвижување кон ЕУ. Сега дали тоа значи предвремени избори или не, дали ќе се случат следната пролет, не можам да предвидам, но ќе видиме што ќе се случи, а верувајте ми, гледаме многу внимателно – вели Агелер.
Во однос на заострените односи и наративи со Бугарија, амбасадорката вели:
– Мислам дека оние кои продолжуваат со тој наратив, да, апсолутно е точно дека од Софија и од други слушнавме многу агресивен јазик што, искрено не е заснован на факти за ситуацијата овде во Северна Македонија.
Во продолжение целото интервју со американската амбасадорка Анџела П. Агелер: