(ВИДЕО) ГЕНЕРАЦИИ ВО РЕГИОНОТ ИЗРАСНАА СО „БЕКУТАН“ Крема со која веќе 45 години надминуваме разни проблеми
Од март 1978 година, откако постои „бекутан“, досега се произведени повеќе од 60 милиони теглички од оваа крема.
Фармацевтската компанија „Алкалоид“ денеска одбележа 45 години на еден од своите најпрепознатливи брендови, колекцијата производи за деца „Бекутан“.
Генаралниот директор на компанијата Живко Мукаетов рече дека е голема чест да се прослави големиот јубилеј – 45 години од постоењето на брендот „Бекутан“.
– Денеска би сакал да ви се обратам не како човек кој е менаџер во компанијата, туку како човек кој е родител и татко на четири деца. Да се биде родител е веројатно една од најважните и најодговорните работи кои можат да му се случат на еден човек. Тоа е грижа и посветеност за некој кој живее покрај вас, расте и се развива и треба да порасне во здрава личност. Од многу непроспиени ноќи, па преку изборот на храната, па сѐ до изборот на козметиката која едно бебе ќе ја добие. Моите родители го користеа „бекутан“, јас и мојата сестра го користиме „бекутан“, јас и мојата сопруга го користиме овој производ – рече Мукаетов.
Од март 1978 година, откако постои „бекутан“, досега се произведени повеќе од 60 милиони теглички од оваа крема.
– Генерации во регионот израснаа со овој бренд. Среќни сме што сме дел од оваа приказна „бекутан“ и што „бекутан“ е дел од секојдневото живеење на сите генерации – додаде Мукаетов.
Силвија Брајовиќ од СОС Детското село нагласи дека „Бекутан“ е водечки бренд за нега и грижа на малите деца и оти тоа веќе 45 години го прави најдобро.
– Токму таа грижа за децата нѐ спои заедно со СОС Детско село. „Бекутан“ најдобро и најквалитетно се грижи за нашите најмили. А СОС Детското село веќе 22 години гради семејства за да може секое дете да расте во грижа, љубов и припадност на одредено семејство. Од голема важност за нас е потрошувачите на „бекутан“ да имаат свесност за оваа наша поврзаност којашто резултира во додадена хуманитарна вредност на брендот „бекутан“. Со оваа кампања, по повод 45 години, и самите потрошувачи се дел од нашата заедничка мисија – истакна Брајовиќ.
Прим. д-р Марина Поп-Лазарова нагласи дека брендот „бекутан“ асоцира на традиција, на квалитет, безбедност, сигурност, ефикасност, иновативност.
– Грижата за децата е наш заеднички фокус. И тоа грижата која почнува од најраната возраст. Секогаш кога говориме за одредени ситуации кај детето, портфолиото и производите на „бекутан“, апсолутно ефикасно и безбедно, ни користат во надминување на разните заеднички проблеми. Заедничка цел ни е здраво дете. Здраво дете е среќно дете – рече Поп-Лазарова.