ВГРАДЕН ПРВИОТ ЧИП ВО МОЗОКОТ НА ЧОВЕК Маск се пофали со зголемена активност на невроните кај пациентот
Компанијата на милијардерот „Неуралинк“ претходно објави дека целта е да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите, како и дека сака да помогне во борбата против сложените невролошки нарушувања.
Американскиот милијардер Илон Маск кој раководи со неколку компании за висока технологија, објави дека неговата компанија „Неуралинк“ за прв пат успешно вградила еден од своите безжични чипови во човечки мозок.
– Првичните резултати откриваат ветувачко зголемување на активноста на невроните или на нервните импулси, а пациентот успешно се опоравува – изјави Маск.
The first human received an implant from @Neuralink yesterday and is recovering well.
Initial results show promising neuron spike detection.
— Elon Musk (@elonmusk) January 29, 2024
„Неуралинк“ претходно објави дека целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите, како и дека сака да помогне во борбата против сложените невролошки нарушувања.
Се наведува дека во мај, компанијата на Маск добила одобрение од ФДА да го тестира мозочниот чип на луѓе, клучна пресвртница по првичните борби на „Неуралинк“ да добие одобрение.
Ова даде зелено светло за почеток на шестгодишно истражување во кое робот се користи за поставување на 64 флексибилни нишки, потенки од прамен коса, на делот од човечкиот мозок кој ја контролира „намерата за движење“, како што „Неуралинк“ го објасни процесот.
Компанијата соопшти дека нишките му дозволуваат на нејзиниот експериментален имплант – кој се напојува со батерија што се полни безжично – да снима и да пренесува мозочни сигнали безжично до апликација која дешифрира како личноста има намера да се движи.
Маск изјави дека „Телепатија“ ќе овозможи „контрола врз вашиот телефон или компјутер, а преку нив и врз речиси секој уред, само со помош на мислата“.
– Првично корисниците ќе бидат луѓе кои не можат да ги движат екстремитетите – рече Маск.