Вевчани доби мултифункционален туристички центар

Мултифункционалниот туристички центар има вкупна површина од 1.400 квадратни метри во кои се вклучени конгресна сала, сала за семинари, галерии, музејски поставки, фитнес сала и друго.

391

Реконструкцијата на старото основно училиште и негово трансформирање во мултуифункционален туристички објект ќе придонесе за збогатување на туристичките содржини во општина Вевчани, изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска по денешната посета на Вевчани каде што се запозна со текот на активностите од потпроектот „Туристички центар Вевчани – еден центар, еден туристички производ“.

– Владата во соработка со Делегацијата на ЕУ и канцеларијата на Светската банка обезбеди еден милион евра за реконструкцијата на овој објект. Содржината која ќе ја понуди овој мултифункционален објект ќе испровоцира многу туристи од нашата земја и од странство да го посетат Вевчани. Оваа општина поседува големо културно богатство, кое ќе биде презентирано во музејот во рамките на објектот, а се одликува и со убава природа, во која може да уживаат туристите кои ќе ја посетат – рече Царовска.






Градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски кој ги презентираше деталите од потпроектот „Туристички центар Вевчани – еден центар, еден туристички производ“ рече дека  мултифункционалниот туристички центар има вкупна површина од 1.400 квадратни метри во кои се вклучени конгресна сала, сала за семинари, галерии, музејски поставки, фитнес сала и друго.

–  Моментално се врши внатрешно опремување на објектот и за кусо време објектот ќе биде во функција. Се работи и на партерно уредување на просторот со што туристичкиот центар добива нов, модерен изглед – рече  Јанкоски.

Поврзани содржини