ВЕТРОТ И КАМИОНИТЕ НОСАТ НОВИ „ОСВОЈУВАЧИ“ НА ЕКОСИСТЕМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА Има ли план за борба со токсичните и опасни инвазивни видови?

Експертите и еколозите предупредуваат на растечката закана од инвазивните видови за биодиверзитетот во Македонија. Во битката со „увезените“ растителни и животински видови, во отсуство, надлежните се справуваат со стратегии, комунуикациски и акциски планови, но вистинска акција засега нема. Откако шимшировиот молец нанесе огромни штети низ Македонија, сега се закануваат сребренолисната ноќница и уште најмалку десеттина нови видови.

761

На прв поглед, речиси привлечно растение. Налик на полско цвеќе, но со меснати, сребреникави листови и мали боцки по стеблото. Цвета од април и август и изгледа дури и декоративно, а има и мали боцки по стеблото. Потекнува од Тексас, а кај нас се увезува преку семките, заедно со други растенија, од Грција.

Но, изгледот нека не ве лажe. Ова растение, чие одомаќено име е сребренолисна ноќница, е опасно. Тоа е токсично за добитокот. Кога никнува на пасиштата, лесно може да заврши во добиточната храна, бидејќи по жетвата се меша со тревата и се балира заедно со неа. И потоа доаѓа на „трпезата“ на кравите, овците, козите, на коњите… Експертите предупредуваат на масовни труења на фармите. Постои и потенцијална опасност овие токсични супстанции да навлезат во синџирот на исхрана на луѓето преку животинските производи.






– Сребренолисната ноќница (Solanum elaeagnifolium) е наведен само како растителен инвазивен вид во Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018-2023 година). Видот не е вклучен во Предлог-листата на инвазивни видови за нашата држава (2024 година) и не е направена проценка за заканите од овој вид – велат за Плусинфо од Министерството за животна околина и просторно планирање (МЖСПП).

Го има во стратегијата, го нема на листата, нема проценка за заканите… Типично за нашата бирократизирана јавна администрација, која работи по принципот „турни ме да кинисам“, дури и кога еколозите предупредуваат дека инвазивните видови претставуваат растечка закана за биодиверзитетот во Македонија.

И автохтоните видови можат да бидат опасни и штетни, но „увезените“ се посебна приказна

Климатските промени и глобализацијата им овозможуваат на овие видови да се шират во нови средини, каде што честопати нема природни предатори кои би можеле да го регулираат нивното размножување. Ова предизвикува еколошки, економски и земјоделски проблеми, а некои инвазивни видови се опасни за опстанокот на локалните екосистеми.

Каква е опасноста од „увезените“ инвазивни видови и како се разликуваат тие од автохтоните видови, карактеристични за овој регион?

И автохтоните видови може да бидат штетни и опасни за животните и за луѓето, а пример за тоа е неодамнешниот случај на угинување на берберските овци во скопската Зоолошка градина, за кои се претпоставува дека изеле гранки од растението тиса (taxus baccata) коешто може да биде отровно за животните.

Но сепак, опасностите од инвазивните видови, кои се населуваат во овој регион поради климатските промени и поради други еколошки фактори, се поголеми, бидејќи тие видови не се својствени за локалните екосистеми.

За појаснување, автохтоните видови се оние што природно се развиле и еволуирале во одреден регион, односно тие се домородни за таа средина. Наспроти нив, алохтоните видови, познати и како интродуцирани или туѓи видови, се населуваат во нова околина, што не е нивното природно живеалиште, информира Сајнс дајрект. Важно е да се напомене дека не секој туѓ вид станува инвазивен, појаснуваат експертите.

Како што објаснува за Плусинфо Александра Цветковска Ѓорѓиевска, експертката за екологија и професорка на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје,  климатските промени значително придонесуваат за проширување на инвазивните видови. Променетите климатски услови наликуваат на оние на кои овие инвазивни видови веќе се адаптирани, што го олеснува нивното размножување.

– Климатските промени – како што се промената на температурата, влажноста, сушата, преципитацијата, струењето на воздухот, облачноста итн – го нарушуваат нормалното функционирање (физиологијата и биономијата) на автохтоните видови, онеспособувајќи ги во „натпреварот“ со интродуцираните („увезените“) видови, кои сега, со променетите климатски услови, кои наликуваат на оние на кои се веќе адаптирани, имаат можност да ја прошират својата дистрибуција и да заземат нови еколошки ниши – објаснува проф. д-р Ѓорѓиевска.

Од Америка до Тиквешијата, сребренолисната ноќница е закана за добитокот и за лозјата

Спомнатата сребренолисна ноќница (Solanum elaeagnifolium) агресивно ги потиснува домашните растителни видови, што доведува до деградација на почвата и до загуба на пасишта. Ова растение, кое потекнува од Јужна Америка, денес е масовно распространето во Грција, на Балканот и на Медитеранот, а глобалното затоплување дополнително придонесува за неговата експанзија.

– Сребренолисната ноќница е отровна за тревопасните животни и може да предизвика сериозни труења на добитокот, што резултира со економски загуби за сточарите. Се размножува со семиња и со корења, што го прави исклучително тешко за искоренување. Климатските промени дополнително го забрзуваат неговото ширење, бидејќи растението е отпорно на суша и на високи температури. Во соседна Грција веќе е масовно распространето, а во Македонија се шири долж патиштата, особено во Неготино и во Кавадарци. Инвазивните видови, како сребренолисната ноќница, брзо се шират, ги загрозуваат автохтоните растенија и животни, ја намалуваат продуктивноста на земјоделските култури и предизвикуваат значителни економски штети – појаснуваат од еколошкото здружение „Ековита“ за Плусинфо.

Сребренолисната ноќница е отровна за тревопасните животни и може да предизвика сериозни труења на добитокот, што резултира со економски загуби за сточарите. Се размножува со семиња и со корења, што го прави исклучително тешко за искоренување. Климатските промени дополнително го забрзуваат неговото ширење бидејќи растението е отпорно на суша и на високи температури. Во соседна Грција веќе е масовно распространето, а во Македонија се шири долж транспортните патишта, особено во Неготино и во Кавадарци.

Еколошко здружение „Ековита“

Здружението „Ековита“ детално го објаснува начинот како се шири сребренолисната ноќница:

– Еден од главните фактори што го поттикнуваат ширењето на сребренолисната ноќница е зголемувањето на температурите. Како термофилно растение, таа ужива во топли и во суви климатски услови, а со порастот на просечните годишни температури, нејзината зона на распространување постепено се поместува кон север. Потоплите зими ѝ овозможуваат да преживее подолго, што значително ја забрзува нејзината инвазија во нови региони.

Дополнително, намалените врнежи и подолгите сушни периоди создаваат идеални услови за ова растение. Додека автохтоните видови страдаат од недостиг на вода, Solanum elaeagnifolium, познато по својата екстремна отпорност на суша, продолжува да се развива без проблеми. Во земјоделските региони, натпреварот за ресурси станува сè поголем, а ова инвазивно растение добива предност, заземајќи нови територии и дополнително загрозувајќи го локалниот растителен свет.

Климатските промени носат и засилени ветрови и екстремни временски услови, кои придонесуваат за побрзо ширење на ова растение. Семињата на сребренолисната ноќница се лесни и можат да бидат разнесени од силните ветрови на големи растојанија. Ова е особено проблематично во сувите и во полусувите подрачја, како што се Тиквешкиот, Гевгелискиот и Струмичкиот регион, каде што веќе се забележува брза експанзија на растението.

Промените во трговските и во транспортните маршрути, исто така, имаат значајна улога во неговото ширење. Потоплите климатски услови придонесуваат за зголемена прекугранична трговија и за движење на стоки, што значи дека камионите и шлеперите, кои превезуваат стока од Грција до Македонија, несвесно носат со себе и семиња од ова растение. Оваа појава најмногу се забележува покрај главните патни коридори кај Богородица, Неготино и кај Кавадарци, каде што растението бргу се шири.

Шимшировиот молец го претвора зеленилото во прав

Друг пример за инвазивен вид, кој неодамна стана предмет на дискусија поради неговата закана за фауната во Македонија, е шимшировиот молец, кој може да биде многу опасен за некои растителни автохтони видови во околината.

Од еколошкото здружение „Ековита“ појаснуваат дека шимшировиот молец е еден од најопасните инвазивни видови што во последната деценија ја зафатил Македонија, инсект што предизвика масовно уништување на шимшировите грмушки (зелениката) низ целата земја. Оттаму и доаѓа неговото име.

– Овој штетник, кој потекнува од Источна Азија, првпат беше забележан во Македонија во 2014 година, кога се појавија значителни оштетувања во парковите и во градините на Скопје. Неговото брзо ширење, поттикнато од климатските промени и од недостатокот на природни непријатели во Европа, за кратко време доведе до целосно исчезнување на шимшировата вегетација. Ларвите на молецот немилосрдно се хранат со листовите и со кората на растението, предизвикувајќи целосно сушење и умирање на грмушките – потенцираат од „Ековита“

Потоплите зими во Македонија, појаснуваат од здружението, дополнително ја зголемија неговата репродукција, овозможувајќи му да развива повеќе генерации годишно. За жал, недостигот на институционални мерки за контрола и недоволната информираност на граѓаните само го забрзаа овој процес, додаваат од „Ековита“.

– Несомнено е дека овој интродуциран вид истовремено е и инвазивен. Забележани се големи штети на зелениката (Buxus sempervirens L.), предизвикани од ларвениот стадиум на шимшировиот молец – не само во Скопската котлина, односно на Водно и во подножјето на Китка – туку и во други делови ширум земјава, особено во западните делови, главно во Полошката Котлина, покрај реките Треска и Пчиња, во Охридскиот регион, како и во регионот на Демир Капија, но и во подножјето на планината Серта, што го претставува најисточниот дел каде што се наоѓа зелениката во Македонија – објаснува Ѓорѓиевска.

Дали Македонија е подготвена за инвазијата на новите видови?

Со ова, се наметнува прашањето дали постојат природни предатори или други фактори кои би можеле да го контролираат ширењето на инвазивните видови во Македонија. Проф. д-р Ѓорѓиевска вели дека генерално постојат природни предатори, освен за шимшировиот молец.

Досега најголем број интродуцирани видови безрбетници се од редовите Coleoptera, Hemiptera (Aphididae) и Lepidoptera од молците. Бројот на литературни податоци, кои се однесуваат на интродуцираните видови, е мал и главно тие податоци се од постар датум. Во поново време листата на интродуцирани, а и инвазивни видови, е надополнета со 13 видови.

Александра Цветковска Ѓорѓиевска професорка на Природно-математичкиот факултет во Скопје

– За секој вид, генерално, постои потенцијален предатор, бидејќи секој вид претставува потенцијална еколошка ниша, односно извор на храна. Меѓутоа, конкретно за шимшировиот молец во Македонија, не постои природен непријател и затоа се применуваат инсектициди – објаснува проф. д-р Ѓорѓиевска.

Сепак, од еколошкото здружение „Ековита“ велат дека климатските промени доведуваат до ослабување на природните конкуренти и непријатели на инвазивните видови, посочувајќи ја сребренолисната ноќница како пример.

– Некои автохтони растителни видови, кои природно го контролираат ширењето на инвазивните видови, исчезнуваат или значително се намалуваат. Ова создава празнина во екосистемот која сребренолисната ноќница бргу ја искористува, дополнително зацврстувајќи ја својата доминација во новите подрачја – велат од „Ековита“.

Од здружението потенцираат дека државата не успеала да изработи стратегија со која би ја заштитила вегетацијата.

– Државата не успеа да изработи стратегија за заштита на зелените површини, а јавноста не беше навреме предупредена за опасноста, дозволувајќи му на молецот незапирливо да се шири. Последиците се веќе очигледни: уништени паркови, исушени градини и деградирани природни живеалишта. Шимшировиот молец стана симбол на кревкоста на екосистемите пред новите предизвици што ги носат климатските промени, покажувајќи како еден мал инсект може да предизвика огромна еколошка загуба – велат од еколошкото здружение.

Шимшировиот молец сѐ ште не е наведен во Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018-2023 година), но видот е вклучен во Предлог-листата на инвазивни видови за нашата држава (2024 година) и не е направена проценка за заканите од овој вид, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од полжави до тврдокрилци, листата е надополнета со 13 нови видови

Во последните години, списокот на интродуцирани и инвазивни видови безрбетници во Македонија е значително проширен. Научните податоци за нивната распространетост и влијание сè уште се ограничени, но новите истражувања покажуваат дека 13 нови видови се забележани во земјата.

– Досега најголем број интродуцирани видови безрбетници се од редовите Coleoptera, Hemiptera (Aphididae) и Lepidoptera од молците. Бројот на литературни податоци, кои се однесуваат на интродуцираните видови, е мал и главно тие податоци се од постар датум. Во поново време листата на интродуцирани, а и на инвазивни видови, е надополнета со 13 видови и тоа со 2 вида полжави: Arion (Arion) cf. vulgaris, Cornu aspersum; со 4 видови тврдокрилци: Harmonia axyridis, Acanthoscelides obtectus, Trogoderma variabile, Stegobium paniceum; 5 видови полутврдокрилци Hemiptera: Oxycarenus (s.str.) lavaterae, Corythucha ciliata, Leptoglossus occidentalis, Ceroplastes japonicus, Pseudaulacaspis pentagona;  1 вид од Lepidoptera Tuta absoluta и 1 вид Thysanoptera: Frankliniella occidentalis – прецизира проф. д-р Ѓорѓиевска.

Охридското езеро е ранлив екосистем кој може да се „разболи“

Во Македонија, некои екосистеми се особено ранливи на инвазивни видови под влијание на климатските промени и човечките активности.

Земјоделските култури и пасиштата се меѓу најпогодените, особено од растенија како сребренолисната ноќница која намалува приноси, го загрозува добитокот и ја зголемува потребата од хербициди. Најизложени на оваа закана се Тиквешкиот регион каде што растението веќе се шири покрај транспортните коридори, како и Гевгелискиот и Струмичкиот регион каде што топлата клима и близината со Грција ја забрзуваат неговата експанзија. Демир Капија и Дојран, со сувите услови и со прекуграничните врски, дополнително создаваат идеална средина за ширење на овие инвазивни видови.

Еколошко здружение „Ековита“

– Земјоделските култури и пасиштата се меѓу најпогодените, особено од растенија како сребренолисната ноќница, која намалува приноси, го загрозува добитокот и ја зголемува потребата од хербициди. Најизложени на оваа закана се Тиквешкиот регион, каде што растението веќе се шири покрај транспортните коридори, како и Гевгелискиот и Струмичкиот регион каде што топлата клима и близината со Грција ја забрзуваат неговата експанзија. Демир Капија и Дојран, со сувите услови и со прекуграничните врски, дополнително создаваат идеална средина за ширење на овие инвазивни видови – потенцираат од здружението „Ековита“.

Според проф. д-р Ѓорѓиевска, не може да се даде конкретен одговор за тоа кои системи во Македонија се најранливи, но постојат одредени претпоставки.

– Веројатно најмногу би страдале подрачјата со голема биолошка разновидност. Од друга страна, пак, би страдале и екосистеми каде што е нарушен процесот на одржливост. Охридското Езеро, како еден езерски екосистем, е пример за тоа каде може да се случат длабоки и неповратни нарушувања – вели таа.

Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во Македонија се идентификувани рефугиуми и рефугијални подрачја – области во кои климата и вегетацијата остануваат релативно непроменети и кои служат како засолништа на загрозените видови – кои се особено ранливи на климатските промени,. Овие области се значајни поради нивната биолошка разновидност, вклучувајќи ендемични и реликтни видови.

– Во Првата и во Втората национална комуникација за климатски промени (2003, 2008), беа идентификувани рефугиуми и рефугијални подрачја што се подложни на влијанија на климатските промени и ранливи до различен степен, кои имаат потреба од специфичен пристап за приспособување. Овие рефугиуми се многу важни за биолошката разновидност во Македонија поради големото богатство со видови, особено ендемични и реликтни видови, кои нашле свои засолништа на тие простори како реакција на климатските промени што се случувале во претходните епохи – велат од МЖСПП.

Во Третиот национален план за климатски промени (2014), додаваат од Министерството, оценката за биолошката разновидност се засноваше на идентификација на ранливите живеалишта и видови, експертска проценка на нивната ранливост, анализа на можните инвазивни видови, проценка на соодветноста на националниот систем на заштитени подрачја во врска со климатските промени, проценка на функционалноста на биокоридорите во Македонија, како и моделирање на селектирани живеалишта и видови. Со оценката за ранливост се идентификувани вкупно 18 ранливи живеалишта, 58 растителни и 224 животински видови.

– За живеалиштата и за видовите се дадени експертски процени, според кои може да се очекуваат промени во распространувањето (вертикално и хоризонтално преместување, промени во фенологијата, особено кај некои видови птици), па дури и исчезнување на некои живеалишта (низински блата) и видови (растителни и животински видови врзани за планински, блатни и крајречни живеалишта). Во акцискиот план се вклучени 18 акции како потенцијални мерки за адаптација на биолошката разновиност. Акцискиот план е усогласен со барањата од Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план. Правецот во кој ќе се движат адаптацијата, миграцијата и сукцесијата на различни компоненти на биолошката разновидност во определено подрачје или регион во државата, зависи од многу сложени и меѓусебно поврзани фактори – појаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамките на Третиот национален план за климатски промени, додаваат од МЖСПП, првпат беше направено моделирање за оценка на промените во дистрибуцијата на 5 видови или живеалишта, чувствителни на влијанијата на глобалните климатски промени:

Querco cocciferae-Carpinetum orientalis Oberd (субмедитеранска заедница на дабот прнар);

Pinetum mugho macedonicum calcicolum (грмушеста заедница на планински бор);

Pedicularis ferdinandii (ендемичен вид кој расте на Јакупица);

Trechus goebli (инсект од редот тврдокрилци од фамилијата тркачи кој се нарекува јакупички трехус);

Crocus cvijicii (ендемично растение познато само од планината Галичица).

Резултатите од анализата, направена со современ софтверски пакет, дале добра насока во однос на потенцијалните мерки за адаптација на видовите и спречување на нивното исчезнување, како и насоки за воспоставување коридори што ќе ја овозможат дистрибуцијата.

– Деградација на земјиштето значи намалување или губење на замјиштето како природен ресурс. Таа е честопати предизвикана од несоодветно користење на земјиштето, со комбинација на процеси, вклучувајќи ги и оние што произлегуваат од човековите активности како што се: ерозија, влошување на физичките, хемиските и биолошките својства на земјиштето и долгорочно губење на природната вегетација. Деградацијата на земјиштето во суви, полусуви и во суви субхумидни области, која е резултат на различни фактори на влијание, вклучувајки ги климатските фактори и влијанието на човекот, води до опустинување. Опустинувањето и деградацијата на земјиштето се идентификувани како основни проблеми што влијаат врз економските и врз социјалните проблеми и сите заедно имаат влијание врз животната средина – објаснуваат од МЖСПП.

Инвазивните видови можат да бидат преносители на болести

Како може ефикасно да се спречи ширењето на инвазивните видови и да се заштити биодиверзитетот?

Ефикасната превенција бара системски пристап, што вклучува зајакнување на граничните контроли и усогласување на законската регулатива, како и примена на еколошки одржливи методи за заштита на природата. Ефикасното справување со инвазивните видови зависи и од доследното спроведување на меѓународните конвенции, европската легислатива и од националните стратегии, како и од обезбедувањето на соодветен буџет за програмите за заштита на природата.

Според проф. д-р Ѓорѓиевска, редовните гранични контроли на транспортираните стоки и добра се меѓу првите алатки за превенција, а за да дојде до тоа, неопходно е да се направат промени и надополнувања во законските регулативи. Заштитата на биодиверзитетот е пожелно да се врши со биолошка контрола (но во контролирани услови) и да се одбегнува примената на пестициди.

– Стратегии за справување со инвазивните методи се: спроведувањето на меѓународните документи (конвенции и договори), ЕУ легислативата и стратегиите за инвазивни видови, градењето Национална стратегија за биолошка разновидност со Акционен план, како и соодветно обезбедување буџет за програма за природа на МЖСПП – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во контекст на опасноста од инвазивните видови, овие стратегии можат да помогнат за намалување на здравствените ризици за луѓето и за животните бидејќи инвазивните видови можат да бидат вектори на патогени, па нивното прекумерно размножување може да доведе до пренесување болести.

– Некои интродуцирани видови се вектори на патогени: тигрестиот комарец, голем број видови крлежи и слично – потенцира проф. д-р Ѓорѓиевска.

Има ли решение за проблемот?

Справувањето со инвазивните видови, како што е сребренолисната ноќница, бара добро осмислен и долгорочен пристап кој комбинира научни методи, еколошки решенија, контрола во земјоделството и подигање на јавната свест, потенцираат од „Ековита“.

– Превенцијата е најважниот чекор во заштитата на биодиверзитетот. Строгите фитосанитарни контроли при увозот и транспортот на стоки се неопходни за да се спречи внесувањето на нови заразени примероци. Освен тоа, редовниот мониторинг на транспортните коридори, каде што најчесто се забележува ова растение, може да помогне во раното откривање нови жаришта – појаснуваат од еколошкото здружение.

Ефикасниот систем за рано предупредување, додаваат од „Ековита“, вклучува редовно мапирање и следење на подрачјата каде што овие растенија се појавуваат, како и создавање национална база на податоци.

– Граѓаните, исто така, можат да помогнат со пријавување нови жаришта преку мобилни апликации или преку контактирање на еколошки организации. Кога веќе е присутно, растението треба да се отстрани пред цветање за да се спречи создавањето на нови семиња. Ова најчесто се прави механички, преку копање, корнење или преку косење, особено во заразените подрачја покрај патиштата. Во некои случаи, контролирана употреба на селективни хербициди е неопходна, но секогаш под стручна контрола за да се избегне штетно влијание врз автохтоните растителни видови. Биолошката контрола кај ова растение е ризична бидејќи припадниците на фамилијата Solanaceae, како доматите, пиперките и компирите, би можеле да бидат загрозени од природните предатори кои би се користеле за уништување на сребренолисната ноќница. Затоа, најдобар пристап останува комбинацијата од механичко отстранување, хемиска контрола во строго определени зони и од едукација на јавноста – велат од „Ековита“.

Македонија може да ги примени меѓународните искуства и практики за справување со овој проблем. Изработката на црвени листи на интродуцирани видови, ажурирањето на националните стратегии, како и зголемените контроли и соодветни законски регулативи се само дел од начините на кои може да се применат меѓународните искуства во Македонија, според проф. д-р Ѓорѓиевска.

Македонија ја има ратификувано Конвенцијата на Обединетите нации за борба против опустинувањето во земјите што се соочуваат со сериозни суши или опустинување, особено во Африка, во 2002 година, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Обврските од Конвенцијата се преточени во Законот за животна средина, според кој, поради справување со опустинувањето и поради ублажување на ефектите од суши, државата треба да донесе Национален план за справување со опустинувањето и со ублажувањето на ефектите од суши (НАП), во согласност со начелото за меѓународна соработка, начелото на интегрираност, како и во согласност со целите на националниот социјален и економски развој – објаснуваат од МЖСПП.

Јавноста и локалните заедници играат клучна улога во спречувањето на ширењето на инвазивните видови со рана детекција и со пријавување. Локалните заедници честопати први забележуваат нови инвазивни видови во нивната околина. Обичните граѓани можат да им пријавуваат сомнителни видови на еколошки организации или на владини агенции. Потребна е и употреба на мобилни апликации и на онлајн платформи за документирање на ширењето на инвазивните видови.

Министерство за животна средина и просторно планирање

Функција игра и улогата на јавноста и на локалните заедници во спречувањето на ширењето на инвазивните видови.

– Свеста на јавноста за среќа е зголемена. Но, потребна е активна вклученост во спроведувањето на мерките за заштита, што значи поголемо вреднување на природните богатства и нивно поекономично и одржливо искористување, намалено негативно влијание во средината и слично. Кога граѓаните би делувале, односно би преземале иницијативи за заштита, постои можност да ги поттикнуваат носителите на одлуки да дејствуваат и уште поважно, да донесуваат закони кои се однесуваат на заштита на животната средина – потенцира проф. д-р Ѓорѓиевска.

Јавноста треба да промовира активности и кампањи за подигнување на јавната свест за спречување на ширење на инвазивните видови, велат и од Министерството за животна околина и просторно планирање.

– Јавноста и локалните заедници играат клучна улога во спречувањето на ширењето на инвазивните видови со рана детекција и со пријавување. Локалните заедници честопати први забележуваат нови инвазивни видови во нивната околина. Обичните граѓани можат да им пријавуваат сомнителни видови на еколошки организации или на владини агенции. Потребна е и употреба на мобилни апликации и на онлајн платформи за документирање на ширењето на инвазивните видови – советуваат од МЖСПП.

Од „Ековита“ појаснуваат и дека покрај националните напори, регионалната и меѓународната соработка е неопходна. Координацијата со соседните земји како Грција, Србија, Бугарија и Албанија може да помогне во следењето и во контролата на овие растенија. Размената на искуства и решенија со научни институции и со еколошки организации е од клучно значење за успешното справување со инвазивните видови.

– Јавната едукација исто така игра клучна улога. Информирањето на земјоделците и на сточарите за начинот на препознавање и на отстранување на инвазивните растенија може да помогне во нивната контрола. Организирањето на обуки и работилници за локалните институции и за граѓаните е важен дел од овој процес – додаваат од „Ековита“.

Соработката меѓу научните институции и државните органи во Македонија не е баш најдобра

Дали постои соработка помеѓу научните институции и државните органи во Македонија за справување со овој проблем?

– За жал, соработката е на незавидно ниво – вели проф. д-р Ѓорѓиевска.

Соработка помеѓу научните институции и државните органи постои, но истата треба да се интензивира, сметаат од МЖСПП.

Професорката Ѓорѓиевска смета дека улогата на науката и истражувањата е суштинска кога станува збор за разбирањето на инвазивните видови и за справувањето со нив.

– Улогата на науката е голема и појдовна. Најнапред е неопходно да се извршат истражувања и да се процени состојбата со интродукција на видовите, да се следат патиштата на нивната дистрибуција, да се следи нивната екологија, да се испита кои од нив се инвазивни, штетни или, пак, се вектори на патогени – објаснува таа.

Научната база на податоци, експертското искуство и соработката со релевантни државни органи е важно за преземање превентивни мерки за проблемот со инвазивните видови, велат од МЖСПП, наведувајќи дека науката и истражувањето играат клучна улога во справувањето со проблемот на инвазивните видови преку неколку основни аспекти.

  1. Идентификација и следење
    Истражувањата помагаат да се идентификуваат инвазивните видови, нивното потекло и карактеристики. Се користат методи како молекуларна анализа, геопросторна анализа и моделирање за да се следи нивното ширење.
  2. Разбирање на влијанието
    Науката анализира како инвазивните видови влијаат врз екосистемите, економијата и врз човековото здравје. Истражувањата покажуваат дали даден вид ги загрозува автохтоните видови, ги менува екосистемите или предизвикува економска штета (на пример, во земјоделството).
  3. Развој на стратегии за контрола
    Се тестираат методи за биолошка контрола (како воведување природни непријатели). Се развиваат хемиски и механички методи за елиминација или за контрола на популацијата. Генетските истражувања помагаат во разбирање на репродуктивниот циклус и на можноста за контрола преку генетски манипулации.
  4. Превенција и рана детекција
    Научниците развиваат системи за предвидување на потенцијалните инвазивни видови пред тие да се прошират. Се користат сателитски снимки и биоинформатички модели за да се процени ризикот од нови инвазии.

Со овој текст, Плусинфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Поврзани содржини