ВЕТИНГОТ ДА ПОЧНЕ ОД САДУЛА ДУРАКУ Вреди му дели пријателски совети на Ахмети

Садула Дураку е симбол на заробената држава, на корумпираната власт и на партиската контрола врз институциите. Доста беше ротирање на истите луѓе без никаков отчет! Време е за транспарентен ветинг кој ќе ги разобличи сите неправилности што Дураку ги направил низ годините, информираше Вреди преку соопштение.

191

Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) постојано зборува за ветинг, но дали навистина сака да го спроведе? Ако е така, нека започне од своите најдолговечни функционери! Време е да се постави прашањето: како Садула Дураку веќе 20 години е во државниот апарат, ротирајќи се од функција на функција? Садула Дураку е човекот кој беше на врвот на секоја институција што ДУИ ја контролираше, соопшти коалицијата Вреди преку соопштение.

„Тој беше министер неколку пати во различни министерства, градоначалник, вицепремиер, директор – без пауза, без одговорност, без отчетност. Од министер за земјоделство до министер за животна средина, од градоначалник до вицепремиер, секогаш беше дел од коруптивниот круг кој ја користеше власта за лични и партиски интереси.
ДУИ, при својот ветинг да одговорите: Како е можно истите луѓе 20 години да ротираат на позиции без никаква промена во нивната одговорност? Дали во ДУИ не смее да напредува никој кој не е во кругот на лични пријатели на Али Ахмети? Дали има нешто што Садула Дураку не беше во можност да контролира? Министерства, општина, управа, владини агенции – сè беше во негови раце! Дали Садула Дураку е поедуциран и поспремен да ги обавува сите тие функции од младите луѓе кои овие 20 години ја напуштија државата токму заради вечните функционери на ДУИ. Како е можно градоначалник на мала општина како Липково да изгради толку големо политичко и финансиско влијание? Како е можно во Куманово и кумановско Садула Дураку да се претставува како човек од кој зависи судбината на сите други? Како неговите блиски луѓе добиваа милионски тендери и вработувања во јавната администрација додека стотици Албанци до Куманово и кумановско избегаа да работат по Европа? Колку средства беа пренасочени преку институциите што ги раководеше? И на кои места завршуваа тие пари? Дали ДУИ ќе се охрабри да провери и јавно да каже? Граѓаните заслужуваат одговори“, наведено е во партиското соопштение.






Ако ДУИ навистина сака да се прочисти, посочено е таму, нека започне од ваквите фигури.

„Садула Дураку е симбол на заробената држава, на корумпираната власт и на партиската контрола врз институциите. Доста беше ротирање на истите луѓе без никаков отчет! Време е за транспарентен ветинг кој ќе ги разобличи сите неправилности што Дураку ги направил низ годините. Време е за нови лица! Време е за промени, време е за одговорност! ДУИ нема да нѐ излаже со празни ветувања – вистинскиот ветинг почнува со нивните најголеми партиски функционери“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини