ВЕТЕРОТ ГО ДУВНА ФИЛМСКОТО ПЛАТНО НА „БРАЌА МАНАКИ“ Пендаровски беше на сцената кога се случи инцидентот (ФОТО)
Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, веднаш по доделувањето на наградата се пошегува за инцидентот: „Сме имале многу жанрови на фестивалот, а еве вечерва имавме и малку трилер и акција“.
Силниот ветер кој вечерва дуваше во Битола го навали филмското платно на свеченото отворање на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“, и тоа токму во моментот кога на сцената претседателот Стево Пендаровски му ја врачуваше Златната камера 300 за животно дело на австрискиот кинематограф Кристијан Бергер.
Платното, кое е високо околу 15 метри, беше на неколку метри зад лауреатот и претседателот, а се искриви додека говореше Бергер.
Вработените во техничката служба веднаш интервенираа и го стабилизираа платното, а програмата не беше прекината.
Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, веднаш по доделувањето на наградата се пошегува за инцидентот:
– Сме имале многу жанрови на фестивалот, а еве вечерва имавме и малку трилер и акција – рече Дамевски.
Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на манифестацијата истакна дека благодареение на Фестивалот, Битола и Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематографите и останатите филмски работници од сите светски меридијани.
– Чест ми е што сум покровител на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, еден од најзначајните културни настани во нашата земја, бездруго значаен и на меѓународно ниво. Имено, посветен на кинематограферите, фестивалот може да се пофали со оригиналност, богата историја и чиста љубов кон седмата уметност – бидејќи е посветен токму на сликите, на визуелниот јазик на животот. Минатата година, ги немаше филмските проекции, полната кино сала и возбудата што ја носи фестивалот, кој е своевиден празник за градот Битола како град домаќин, но и за целата наша држава. Недостасуваше гостите да прошетаат низ Широк сокак и да ги откриваат тајните на градот на конзулите кој во своите филмови го овековечија првите сниматели на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки – рече Пендаровски.