ВЕТЕРНИОТ ПАРК НА „АЛКАЗАР ЕНЕРЏИ“ ЌЕ СЕ ГРАДИ ОД 2025 ГОДИНА Ќе обезбеди струја за 100.000 домаќинства и 630 вработувања

Паркот ќе има  55 ветерници коишто ќе произведуваат еден терават час електрична енергија, а со инвестицијата се обезбедуваат  630 нови вработувања. Проектот ќе се гради на површина на  3 општини – Карбинци,  Радовиш и Штип.

1,089

„Алказар енерџи“ денеска го почна најголемиот проект за развој на парк на ветерници во земјава, кој ќе чини 500 милиони американски долари и ќе обезбедува струја за 100.000 домаќинства, односно речиси 20% од целокупното производство на струја во земјава. Паркот ќе има 55 ветерници коишто ќе произведуваат еден терават час електрична енергија, а со инвестицијата се обезбедуваат 630 нови вработувања. Проектот ќе се гради на површина на 3 општини – Карбинци, Радовиш и Штип.

Ова беше речено на денешната свеченост по повод почнување на проектот.






Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер на „Алказар Енерџи“ го претстави проектот и рече дека ветерниот парк ќе почне да се гради во втората половина на 2025 година.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста, рече дека оваа инвстиција ќе влијае на енергетската независност на земјата од електрична енергија, и ќе придонесе земјава од увозник, да стане извозник на струја.

– Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршување на овoј проект дури 100.000 македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетката независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе се отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо – рече Мицкоски.

Тој рече дека може да очекуваме следните години да има и други проекти кои ќе ја направат земјата енергетски независна и ќе ја направат извозник на струја.

– Со овој проект ќе се отвори патот и за нови инвестиции, а ќе се подобри енергетската независност од електрична енергија. Планот го имаме, останува сега да ја завршиме домашната задача и да го реализираме. Денес сум задоволен што „Алказар енерџи“ ја затвори финансиската конструкција на проектот и ќе може да го гради ветерниот парк, а ние како влада ќе помогнеме да се реализира. Овој тип инвестиција ќе донесе поволности за БДП на државата и за општините  – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека не верува во чуда кои не се можни, но рече дека проектот е изводлив и дека тој има тим за енергетика кој е најдобар, како што рече, во регионот.

– Планот го имаме, луѓето ги имаме, останува само да ја завршиме домашната задача што сами ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти. Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор. Така функционирам, а така ќе функционира и оваа Влада – рече Мицкоски.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска рече дека овој проект покрај другото ќе придонесе за намалување на емисијата на стакленички гасови и за балансирање на струјата од обновливите извори на енергија.

Поврзани содржини