ВЕСКОВСКИ ГО НАЈАВИ „НАЈДОБРОТО ЗА КАРПОШ“ Голем парк спроти Карпош 4, катна гаража околу „Лептокарија… (ВИДЕО)

Весковски нуди поинаква визија за Лептокарија, за Млечен, за Делфинa, за мултиетничко Нерези, за Карпош 1, 2 и 3, за нов парк во Карпош 4, за планска урбанизација кон Злокуќани и Бардовци, за романтично Тафталиџе 1 и 2, за Козле, Трнодол и Жданец…

2,045

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од редовите на СДСМ и коалицијата, Душко Весковски, под мотото „Најдоброто за Карпош“ денеска најави дека ќе води позитивна кампања, со почит и разбирање за потребите на граѓаните.

Тој додаде дека ќе води позитивна кампања и на сите настапи со своите противкандидати водејќи транспарентна дискусија и дека ќе се фокусира на претставување на својата програма.






– Честа е голема, а задоволството е огромно да бидам кандидат за градоначалник на Општина Карпош. Општина во која сум роден, каде што ги поминав детството и младоста, почнувајќи од детската градинка „Орце Николов“, преку ОУ „Лазо Трповски“, до гимназијата „Никола Карев“. Тука ги стекнав здравите навики, моите први другари, љубовта кон одбојката, и тука сега го градам моето семејство и мојата иднина – рече Весковски.

Според него, Карпош е интелектуален, економски, социјален и еколошки двигател на Градот Скопје и тој е одлучен целосно да го искористи овој потенцијал преку поставување и одржување на уште повисоки стандарди на хумано и планско урбано живеење.

Неговата визија за наредните четири години е Карпош да се развие во општина со највисок степен на дигитализација на јавните услуги, со хумана и планска урбанизација што го штити јавниот интерес, ја почитува приватната сопственост и придонесува за економскиот развој, со највисок процент на зелени површини во Градот и во Републиката, со чисти улици по кои ќе се движат повеќе велосипеди, со развиена социјална и културна инфраструктура.

– Сакам да ве уверам дека нашата визија за Лептокарија, за Млечен, за Делфинa, за мултиетничко Нерези, за Карпош 1, 2 и 3, за новиот парк во Карпош 4, за планската урбанизација кон Злокуќани и Бардовци, за романтично Тафталиџе 1 и 2, за Козле, Трнодол и Жданец, можеме заеднички да ја оствариме со вас. Подготвен сум во овој предизвик да го вградам целокупното досегашно мое лично, политичко, но пред сѐ, професионално знаење и искуство – додаде Весковски.

Дел од многуте проекти и активности што тој најави дека ќе ги спроведе вклучуваат изградба на катна гаража околу комплексот ТЦ „Лептокарија“, со зелен парк над гаражата, изградба на две нови детски градинки и реконструкција на постојните капацитети, изградба на голем зелен парк во Карпош (спроти населбата Карпош 4), дисперзирање и планска хумана урбанизација на просторот кон Злокуќани и Бардовци, високо ниво на комунална хигиена, Карпош ФИТ – програма, решение за проблемот со паркирањето, младински центар во Општина Карпош, субвенционирање на еколошки превоз за млади.

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Душко Весковски на овие Локални избори настапува под реден број 12.

Поврзани содржини