ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА НАПИША ПРОДОЛЖЕНИЕ НА „МРТВИ ДУШИ“ ОД ГОГОЉ Прво прочитала многу книги од руската книжевност
Идејата била да се види како би изгледало продолжението на делото кое самиот писател го уништил кон крајот на својот живот.
Руската банка „Сбер“ го објави продолжението на познатиот роман „Мртви души“, (Мртви души. Втор том. Воскресение), од Николај Василиевич Гогољ, напишано со „Гига-чет“ (GigaChat). Книгата може да се нарача преку интернет, а наскоро се очекува да биде достапна и на руските платформи за електронска трговија, во Московскиот дом на книгата, како и во книжарниците низ Русија.
На проектот кој траел повеќе од една година учествувале историчари, книжевни експерти, лингвисти и инженери, со цел да создадат продолжение што најдобро ќе го долови книжевниот стил и јазик на Гогољ. Во рамки на проектот, ВИ ги анализирала сите дела на Гогољ, како и на други значајни руски писатели, меѓу кои и Александар Пушкин, Фјодор Достоевски и Иван Тургењев. Меѓу другото, биле опфатени и филозофски и библиски текстови, како и различни уметнички дела кои имале влијание врз творештвото на Гогољ.
Идејата била да се види како би изгледало продолжението на делото кое самиот писател го уништил кон крајот на својот живот.
– И по повеќе од еден век од смртта на писателот, неговото дело со децении остана предмет на книжевни истражувања, претпоставки и дебати. Затоа, со новово издание, кое е спој на класична руска книжевност и современа вештачка интелигенција, сакаме да видиме како ќе изгледа неговото продолжение – објаснуваат експертите.
GigaChat е генеративен модел на вештачка интелигенција за разговор развиен од руската корпорација за финансиски услуги Сбербанк, позициониран како руска алтернатива на моделите како ChatGPT.