ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГО ОСВОЈУВА НОВИНАРСТВОТО Половина од репортерите во Европа веќе ја користат секојдневно

Половина од новинарите во Белгија и Холандија користат „ChatGPT“ и слични алатки, но мнозинството стравува дека тие ќе ја нарушат довербата во медиумите.

101

Европските новинари сè почесто во своите редакции се потпираат на алатки за генеративна вештачка интелигенција, иако постои сериозна загриженост дека оваа технологија може да го поттикне ширењето на лажни вести и да ја наруши довербата на јавноста во медиумите. Ова го покажува нова студија на истражувачи од универзитетите во Гент и Амстердам.

Според „Политико“, кој денеска ги пренесе резултатите од студијата објавена вчера, малку повеќе од половина од вкупно 286 анкетирани новинари во Белгија и Холандија признале дека користат алатки за генеративна вештачка интелигенција, меѓу кои и „ChatGPT“ на „OpenAI“. Од тие што ја користат технологијата, 32 проценти изјавиле дека ја користат неделно, додека 14 проценти работат со неа секојдневно.






Истражувачите наведуваат дека овие резултати се во согласност со други студии за примената на генеративната вештачка интелигенција во новинарството. Сепак, расположението кај новинарите не е целосно позитивно. Дури 85 проценти од испитаниците веруваат дека оваа технологија ќе го влоши проблемот со лажните вести, а 83 проценти сметаат дека ќе ја еродира довербата во медиумите и новинарската професија.

Во однос на конкретната употреба, генеративната вештачка интелигенција најчесто им служи за автоматски превод на текстови (45 проценти), транскрипција на интервјуа (35 проценти) и лектура (30 проценти). Главните причини за користење се заштеда на време, зголемување на ефикасноста во работата и добивање инспирација за нови содржини.

Авторите на студијата нагласуваат дека оваа технологија засега „првенствено ги поддржува постојните задачи, наместо да ги трансформира или редефинира новинарските процеси“.

Генеративните алатки се пробија на глобално ниво откако „ChatGPT“ доби светска популарност кон крајот на 2022 година. Денес, тие се предмет на регулатива според новиот Закон на Европската Унија за вештачка интелигенција, кој има за цел да воспостави јасни правила и безбедносни стандарди за нивната употреба.

Поврзани содржини