Веројатно перцепцијата била дека директорот мора да биде од Домот на културата, верувам дека ќе се изнајде решение, смета Заев
Тој нагласи дека е понудено од страна на самиот нов директор решение за уметнички директор и за уште три уметнички секторски раководни места за да можат да дојдат токму стручните кадри, кои што се искусни и работат во самиот Дом на културата, во секторите како што се за музика, за актерство, за театар.
Конкурсот е законски, конкурираат луѓе, веројатно перцепцијата била дека директор мора да биде лице од Домот на културата и тука се јавува проблемот. Убеден сум дека низ разговор и дијалог ќе се изнајде решение и Домот на културата во Струмица ќе продолжи со предизвиците, рече премиерот Зоран Заев денеска во одговор на новинарско прашање за назначувањето на новиот директор на НУЦК „Антон Панов“.
Премиерот нагласи дека конкурсот е завршен, направена е селекција на директор, а директорот заедно со министерката за култура се обиделе да изнајдат решение и да ги сослушаат актерите кои работат во Домот на културата.
– Прво да го потврдам тоа што и Министерството за култура го објави, а согласно критериуми се прави избор на директор, конкурсот беше завршен и направена е селекцијата на директорот, и директорот и министерката за култура која што се втурна во процесот да изнајде решение и да ги слушне актерите, луѓето кои работат во Домот на културата – изјави денеска премиерот пред почетокот на јавната расправа за реформи за стручното образование во Струмица.
Тој нагласи дека е понудено од страна на самиот нов директор решение за уметнички директор и за уште три уметнички секторски раководни места за да можат да дојдат токму стручните кадри, кои што се искусни и работат во самиот Дом на културата, во секторите како што се за музика, за актерство, за театар.
Заев верува дека на овој начин секој ќе се профилира онаму каде што треба.
– Треба да знаеме дека конкурсот е законски, конкурираат луѓе, веројатно перцепцијата била дека мора да биде лице од Домот на културата и тука се јавува проблемот, но секој треба да знае дека покрај правото и честа, секој конкурс носи и обврски. Моето е да апелирам на соработка – додаде Заев.
Како што посочи, тој е убеден оти со разговор и дијалог ќе се изнајде решение и за овој проблем.
– Уверен сум дека низ разговор и дијалог ќе се изнајде решение и Домот на културата ќе продолжи со предизвиците, а тоа е преамбулата на соединување како институција, но исто така и збогатување со содржини кои се создаваат токму во Домот на културата – додаде Заев.