ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ПРЕЧЕКАНА СО 4 ПРАШАЊА ВО СКОПЈЕ Мислењето за Законот за правична застапеност се очекува во декември
За шест месеци ќе се прави и усогласување на сите домашни закони кои директно или индиректно го засегаат прашањето на соодветна застапеност, најави вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Фетаи.
На покана на Владата, Венецијанската комисија во моментов е во Скопје во подготовка на нејзиното мислење за Законот за правична и соодветна застапеност. Нивната посета се реализира на барање на Владата од 11 јули годинава за давање мислење, рече на прес-конференција вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи.
Тој информира дека денеска во Владата владиниот тим одржал плодна дискусија со делегацијата на Венецијанската комисија за нацрт-законот.
– Овој нацрт-закон е доставен на мислење до оваа комисија од една суштинска причина – да биде целосно усогласен со Уставот и со европските стандарди, елиминирајќи секаков простор за толкување или спорови во иднина. Упативме четири прашања до оваа комисија за мислење: 1. Дали овој закон го унапредува уставниот принцип на правична и соодветна застапеност, земајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот; 2. Дали нацрт-законот промовира еднаквост преку позитивна акција и со елиминирање на бариерите за вработување; 3. Дали предлог-законот е во согласност со другите уставни принципи, како основање, слобода и права, слободното изразување на етничка припадност, владењето на правото и заштита на приватноста на сите граѓани и 4. Дали владиното координативно тело формирано со овој закон е ефикасен механизам за обезбедување, почитување, афирмација, подобрување, унапредување и следење на принципот на правична и соодветна застапеност – рече Феати.
Владата верува дека проценката на Венецијанската комисија за овие четири прашања ќе биде гаранција за силен и одржлив закон, како од правно-уставен, така и од институционален аспект.
– Со овој закон правичната застапеност првпат станува јасна и законска обврска за секоја институција и на локално ниво. Дополнително, за шест месеци ќе се прави и усогласување на сите домашни закони кои директно или индиректно го засегаат прашањето на соодветна застапеност. По добивањето на мислењето од Комисијата, законот наскоро ќе стигне во Собранието и ќе влезе во парламентарна постапка и се надевам дека ќе добие широка поддршка што заслужува еден ваков сеопфатен проект – нагласи Фетаи.
Тој информира дека овој закон е задоцнет и требало да биде одобрен од 2003 година.
– Усвојувањето на овој закон ќе исправи уште една неправда наследена од режимот на ДУИ. Овој закон не е за една заедница, туку закон за сите граѓани и за сите заедници. Тој претставува европска визија каде еднаквоста и правдата не остануваат теоретски поими, туку се трансформираат во функционални стандарди што го гарантираат интегритетот на државата и довербата на граѓаните во институциите. Со овој закон отвораме ново поглавје за нашата држава. Правична застапеност повеќе не е декларативен поим туку право гарантирано со закон, заштитено со стабилни институционални механизми – истакна Фетаи.
Тој рече дека мислењето од Комисијата се очекува да го добијат на почеток на декември.