Велковски: ВМРО-ДПМНЕ блокираат важни закони во Собранието, затоа пак ќе бидат казнети од граѓаните

344

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со неодговорно, деструктивно дејствување, на штета на граѓаните и на државата.  Свесно и намерно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци кочат важни законски решенија, рече на прес конференција пратеникот на СДСМ Диме Велковски.

– Поради нивната деструктивност и неодговорност закочена е постапката за изградба на нов Клинички центар во Скопје, најважен капиталрн проект за македонското здравство.  ВМРО-ДПМНЕ го кочи и законот со кој ќе се унапреди енергетската ефикасност, со кој детски градинки, училишта и болници треба да добијат енергетски ефикасни фасади и нови, еколошки системи за греење. Како што претходно беа против зголемување на минималната плата, како што се противеа на раст на пензиите, денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против тоа парите да завршуваат кај граѓаните и во македонската економија.  Како никаде во светот, опозициската партија се противи на законско решение со кое главниот град добива нов ефикасен и еколошки јавен транспорт – рече Велковски.






Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е против унапредување на земјоделството и изградба на три големи откупни центри.   Овие блокади се доказ за тоа до каде оди деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивните пратеници.  Граѓаните, јавност, го гледаат таквиот антинароден и антидржавен однос на опозициската партија и затоа им следи нов изборен пораз веќе на локалните избори.

– Наместо блокади и деструкции, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да застанат зад граѓаните и нивните интереси.  Со или без ВМРО-ДПМНЕ, реформите во интерес на граѓаните и државата, продолжуваат. Како парламентарно мнозинство ќе најдеме начин да се реализираат сите предвидени мерки и политики во интерес на граѓаните – вели Велковски.

Поврзани содржини