Велјановски: Во чиј џеб завршил поткупот од 4 милиони евра кои Дака му ги ветил на Кичеец за ШИК Јелак?
ЈО мора да отвори случај за злоупотреба на службената положба и овластување против Драги Рашковски и Зоран Заев согласно чл.353 ст.5 од КЗ.
ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го испита случајот со Дака и да покрене постапка против Зоран Милески – Кичеец, Драги Рашковски и Зоран Заев.
– ЈО мора да отвори случај за злоупотреба на службената положба и овластување против Драги Рашковски и Зоран Заев согласно чл.353 ст.5 од КЗ. Обвинителството да не спие и да го расветли скандалот. Одговорност мора да има. ЈО мора да отпочне постапка. Никој не смее да премолчува очигледен криминал. Законите мора да се почитуваат и спроведуваат, а сегашното премолчување на криминалот, ќе значи одговорност за сите утре – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски.
– 300.000 евра, гратис 2.000 квадрати, 2 милиони евра откако работата ќе биде завршена и уште два милиони евра за друг, ова е поткупот за бетонската џунгла која овде зад нас ќе никне, а која завршила во џебовите на некој од власта. Дака за оваа работа се видел и со Заев. Ова не се зборови на ВМРО-ДПМНЕ, ова го говори бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака, познат по своите анти ЕУ и анти НАТО ставови од снимката која цела јавност ја слушна, а која ние заедно со текст од оваа изјава ќе ја поднесеме до ЈО – додаде тој.
Според снимката која беше објавена во медиумите, Дака му дал 300.000 евра на Зоран Милески – Кичеец, 2.000 квадрати простор на непознато лице и ветување дека откако ќе го добие ветеното ќе плати уште 4 милиони евра.
– Заев преку Дака отвора врата за анти НАТО и анти ЕУ политики во државата. СДСМ и ДУИ побрзаа она што сите слушнавме дека Кичеец го вети во снимката да го реализираат. Останува непознато кај кого точно завршиле 4 милиони евра. Кој политичар од власта за 4 милиони евра дозволи Тетово да биде претворено во бетонска градежна џунгла? – праша Велјановски.
Тој потсети дека постапката за добивање согласност е истуркана во рекорден рок од 7 дена, а граѓаните и фирмите чекаат со месеци за дозволи.