ВЕЌЕ НЕ НЀ БОДАТ СО БАЈОНЕТИ, АМА НЀ КОЛАТ СО ПОНИЖУВАЊА Можно ли е ново затоплување на односите со Бугарија?

Антимакедонската стратегија на Бугарија не е од вчера, туку трае и активно функционира веќе неколку векови, а тоа значи дека неколку генерации Бугари се растени во една таква атмосфера, објаснува комуникологот Живко Андревски.

1,869

„Односите помеѓу Скопје и Софија биле полоши само за време на Втората светска војна кога бугарските војници-административци со окупаторски чизми газеле врз македонскиот народ“.

Вака дел од домашните аналитичари ја оценуваат сегашната криза во којашто од неодамна се длабоко западнати Македонија и Бугарија во поглед на изнаоѓање решение на долгогодишниот билатерален проблем кој како чудовишна планина им се издигнува на патот што треба да ги поврзува двата соседа.






Друг дел од експертите, пак, сметаат дека сѐ уште постои надеж двете страни да си подадат рака и со заеднички сили да ја поместат планината.

А по сѐ изгледа дека чашата се прелеа со инцидентот во Охрид кој Бугарите го искористија во своја полза. Потоа продолжи со роденденот на револуционерот Гоце Делчев, па следуваа разни навреди од бугарска страна, ни се случи и мало нетрпение на граница, за на крајот да дојдеме во ситуација Бугари да нудат 200 евра награда за „главата“ на македонски полицајци кои само си ја вршеле работата на граничниот премин „Деве Баир“.

Дали ваквата криза се должи на изборите што треба да се одржат за некој месец во Софија? Дали се работи за вештачки предизвикана криза или сепак станува збор за вистинско непријателство? После сѐ што се случи, колку може да се очекува ново затоплување на односите помеѓу двете земји? Ако се смират политичарите, ќе се засакаат ли народите?

Одговор на овие прашања побаравме од поранешни амбасадори, универзитетски професори и комуниколози.

Вековна бугарска стратегија

Живко Андревски, комуниколог, универзитетски професор и доктор на науки, во разговор за Плусинфо вели дека вистинско изненадување би било доколку наскоро се случи ново затоплување на односите со Бугарите.

Андревски: Однесувањето на политичарите создава одредена атмосфера којашто по автоматизам се шири помеѓу луѓето од едната или од другата страна.

– Станува збор за системски пристап од страна на Бугарија во однос на Македонија. Бугарите никогаш не го напуштиле ставот дека Македонија е бугарска земја, дека Македонците се Бугари и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Држејќи се цврсто до тој став, тогаш нормално е дека постојано ќе бараш влакно во јајцето само за да ги влошиш односите со соседот. Таков пример беше тепачката во Охрид во која истепан беше секретарот на бугарскиот центар „Цар Борис“, а тој инцидент претставуваше само повод за Бугарите бурно да реагираат. На прашањето дали може да се очекува ново затоплување на односите помеѓу Скопје и Софија, јас нема да одговорам со „да“ или со „не“, туку ќе кажам дека такво нешто би претставувало големо изненадување. Со оглед на фактот што и двете земји сме под лупата на поголемите и помоќните држави како што се САД, Германија и Франција, можно е да се случи да добиеме препорака, односно наредба да ги затоплиме односите. Сакале ние или не, наредбата ќе мора да ја слушаме и повторно ќе треба да изигруваме дека сме во добри и регуларни односи со соседите – објаснува Андревски.

Во поглед на љубовта помеѓу бугарскиот и македонскиот народ, тој смета дека дух на односите помеѓу народите даваат токму односите на политичарите од двете земји.

– Какви политичари, такви народи. Однесувањето на политичарите создава одредена атмосфера којашто по автоматизам се шири помеѓу луѓето од едната или од другата страна. Дури и да дојде до некакво затоплување на односите помеѓу двете земји, макар било тоа и вештачко затоплување, навистина не би знаел дали би се подобрил односот помеѓу обичниот бугарски и обичниот македонски народ. Антимакедонската стратегија на Бугарија не е од вчера, туку трае и активно функционира веќе неколку векови, а тоа значи дека неколку генерации Бугари се растени во една таква атмосфера – вели Андревски.

Мудрост и трпение

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, пак, очекува наскоро да омекнат ставовите на политичарите од двете страни и односите помеѓу двете земји полека да почнат да се подобруваат.

Ружин: Треба со еден мирен став и со една мирна политика и стратегија да ги градиме нашите односи. Секако, потребно е големо внимание и треба да бидете свесни дека штом покажете мудрост и трпение, веднаш ќе бидете означени за предавник на својата земја.

– Прво, никако не смееме да кажеме дека само ние правиме добри работи, а Бугарите прават само лоши работи. Не верувам дека е точна тезата дека постои само еден виновник. Сметам дека освен наследените анимозитети од минатото кои се движеа по една искривена линија, постојат и други фактори кои влијаат врз влошување на односите помеѓу Скопје и Софија. Тука е пред сѐ успехот на популистичките партии во Македонија и во Бугарија. Исто така, предвид треба да се земе и несфаќањето на новата реалност на Балканот, односно дека постои една нова држава Македонија којашто сега е членка на НАТО. Трето, тука е недостигот на транспарентност од страна на интелектуалните елити, недостасува критичност кон сопствените политики. Четврто, присутни се лажните вести, а и медиумите постојано објавуваат провокации од разни маргинални политички фигури. И петто, се ближат избори во соседството. Сето ова заедно претставува еден заеднички именител за сите држави на Балканот, оти сите минуваат низ истото – објаснува Ружин за Плусинфо.

Не постои голема криза во односите помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, додава тој, бидејќи, како што вели, ништо страшно не се случило освен тие неколку испади кршење и палење на бугарски и на македонски културни центри.

– Гледаме дека политичарите од двете земји се трудат да ја прикажат нормалноста на односите и дека не е сѐ баш онака како што читаме во медиумите. И дипломатите меѓусебно се обидуваат да исфорсираат една политика на добрососедство, а тоа треба да го следи невладиниот сектор, универзитетите, и тн. Треба со еден мирен став и со една мирна политика и стратегија да ги градиме нашите односи. Секако, потребно е големо внимание и треба да бидете свесни дека штом покажете мудрост и трпение, веднаш ќе бидете означени за предавник на својата земја. Како и да е, јас очекувам подобрување на односите и сметам дека е крајно време сите да се ангажираат за да ја постигнат таа цел. Ние сме соседи, сме делеле и добри и лоши работи – вели Ружин.

Подалеку од бугарската предизборна кампања

Време е да ставиме црта на пинг-понг дискусијата со Бугарија, одговори вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на новинарско прашање дали македонското МНР ќе испрати протестна нота по демолирањето на новоотворениот македонски културен клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“.

Да ги исклучиме граѓаните од овие непотребни и вештачки кризи кои се создаваат на сметка на внатрешни динамики во едната или другата држава.

Бујар Османи Министер за надворешни работи

Османи појасни дека земјава ги кажала сите ставови во однос на случувањата во двете држави, а свои ставови, исто така, рече Османи, пристигнале и од Бугарија, но време е да се стави крај на пинг-понг дебатата и вовлекување во бугарската предизборна кампања.

– Да оставиме дипломатијата да си ја врши работата. Да ги исклучиме граѓаните од овие непотребни и вештачки кризи кои се создаваат на сметка на внатрешни динамики во едната или другата држава. Така што, барам разбирање, да ја вратиме позитивната агенда и мирот помеѓу граѓаните од двете држави и да разговараме за иднината – изјави Османи.

Османи оценува дека доколку се продолжи со ваквата динамика на комуникација, Македонија само ќе биде вовлечена во вртлогот на нестабилното политичко општество и целокупниот изборен циклус во Бугарија.

Во таа насока, министерот порача дека Македонија не смее да потклекне на провокации, особено не во еден ваков клучен период за нашата земја која е во процес за отворање на преговорите со ЕУ.

– Ние не смееме да потклекнеме на таквите провокации и предизвици. Имаме скрининг којшто е во тек, имаме реформи коишто треба да ги спроведуваме и да ги оставиме граѓаните да ги изолираме и да ги поштедиме од овој немир – потенцираше Османи.

Како дојдовме до точка на вриење?

Ова се дел од клучните настани кои изминатите неколку години ги одбележаа македонско-бугарските односи:

1 август 2017 – Потпишан договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија

17 ноември 2020 – Бугарско вето за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ

13 декември 2021 – Кирил Петков станува нов премиер на Бугарија

4 февруари 2022 – Заедничко чествување на Гоце Делчев

16 април 2022 – Отворање бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола

07 јуни 2022  – Ламбе Алабаковски го пали бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола

16 јуни 2022 – Се крчка францускиот предлог

22 јуни 2022 – Паѓа Владата на бугарскиот премиер Кирил Петков

23 јуни 2022 – Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, Бугарија не го крева ветото

30 јуни 2022 – Францускиот предлог стигнува во Македонија

2 јули 2022 – Двонеделни протести против францускиот предлог

16 јули 2022 – Пратениците го гласаат францускиот предлог

17 јули 2022 – Бујар Османи потпишува Билатерален протокол во Софија

19 јули 2022 – Македонија условено отвора преговори за влез во ЕУ

7 октомври 2022 – Отворање бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

30 октомври 2022 – Отворање македонски клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

14 јануари 2023 – Чествување на Мара Бунева во Скопје

19 јануари 2023 – Тепачка во охридска кафеана, истепан е Кристијан Пендиков

20 јануари 2023 – Бугари се организираат за посета на гробот на Гоце Делчев

21 јануари 2023 – Протест во Софија за поддршка на Бугарите во Македонија

23 јануари 2023 – Пендаровски го свикува Советот за безбедност

25 јануари 2023 – Бугарија го повлекува својот амбасадор од Македонија

28 јануари 2022 – Опозицијата најавува стража на гробот на Гоце Делчев

30 јануари 2023 – Бугарскиот министер за внатрешни работи допатува во Скопје

05 февруари 2023 – Поклонување на гробот на Гоце Делчев, силно обезбедување

05 февруари 2023 – Тензично на ГП „Деве Баир“, приведени насилници од Бугарија

06 февруари 2023 – Бугарин нуди 200 евра за „главата“ на македонскиот полицаец

06 февруари 2023 – Каменуван е македонскиот културен дом „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Затруено дрво раѓа затруени плодови

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седницата одржана синоќа оценил дека односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија никогаш не биле полоши од сега, што покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања.

„Договорот за пријателство и добрососедство кој го склучи Владата предводена од СДС и ДУИ со Бугарија, наместо да носи пријателски односи и меѓусебна соработка, тој е затруено дрво кое раѓа затруени плодови. Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува. За таквите уцени кои немаат крај е виновна Владата на Димитар Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и ѝ овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања“, се вели во соопштението издадено по седницата на Извршниот комитет.

Поврзани содржини