ВЕДНАШ ДА ЈА ПОЧНЕМЕ СТРАТЕГИЈАТА 2050 Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повикува на национално обединување, за СДСМ тоа е популизам

Ги повикуваме СДСМ повторно да размислат и покрај нивното првично негодување за обединување околу една сеопшта стратегија со помош на умовите од академската заедница, рече денеска Драган Ковачки.

98

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки денеска пвторно го повика опозицискиот СДСМ да учествува во создавањето на сеопфатната стратегија за развој на државата до 2050 година, откако претходно СДСМ повтори дека таква стратегија е веќе усвоена и дека и ВМРО-ДПМНЕ, тогаш како опозиција, учествувала во процесот.

– ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено подава рака за национално обединување и иницира подготовка на стратегија за државата до 2050 година. Приоритетот, интеграција на Македонија во ЕУ, е јасен, но на патот до негово исполнување треба да реализираме многу работи, да бидеме подобри, пред сè, за нас. Ни треба јасна стратегија како да стигнеме до целта. Претседателот Христијан Мицкоски јасно кажува дека треба да се дефинираат приоритетите за развој на државата и тоа во повеќе области и да се одговори на повеќе предизвици, како демографски, економски, земјоделски, енергетски, транспортни и слично. Ги повикуваме СДСМ повторно да размислат и покрај нивното првично негодување за обединување околу една стратегија со помош на умовите од академската заедница – рече денеска Ковачки на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.






СДСМ мора да ја надмине кратколгледоста, додаде Ковачки и да престане  да мисли на интересите на поединците од партијата и на партиските интереси. Седум години ја запоставија Македонија, која не само што стагнираше, туку и назадуваше, рече тој.

– СДСМ мора да ги сфати зборовите на претседателот Мицкоски кој на 23 октомври кажа цитирам: „ова е суштински период верувајте, од кој ќе се знае ќе нè биде или не, знам дека звучи драматично, некому можеби ќе му звучи и патетично, но  ако сакаме да успееме, немаме избор освен да соработуваме и тоа мора да почне веднаш и сега“. Ако им треба време нека размислат уште малку, нека не брзаат, за момент кога ќе размислуваат на оваа тема за обединување нека заборават на личните и партиски интереси. Нека го направат тоа за граѓаните, за државата, за подобро утре за сите. На потег е опозицијата, на потег е СДСМ, на потег е и академската заедница! – рече Ковачки.

СДСМ утрово соопшти дека националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 е успешно подготвена и одамна е поднесена до Собранието.

„ВМРО-ДПМНЕ беше дел од тој процес, а нивните пратеници учествуваа во изработка на стратегијата. Овој документ е резултат на широко и инклузивно учество, кое вклучува над 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, како и деловни и граѓански организации. Дополнително, над 1.500 млади и претставници на ранливи групи активно допринесоа за креирањето на стратегијата. Оваа стратегија е уникатен пример на наднационална соработка, која ги обединува граѓаните околу заедничка визија и реални цели за развој. Собранието е местото каде што се води дијалогот и се оформуваат политиките на државата и СДСМ останува посветена на неговото значење како клучен демократски форум“, соопшто СДСМ.

Најавите на  Мицкоски за обединување околу нова стратегија според СДСМ се несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија.

„Наместо навистина да се обединиме околу заедничките стратешки приоритети, сведоци сме на популистички изјави, кои не ги одразуваат потребите на граѓаните. Четири месеци наназад, Мицкоски не понуди ниту една мерлива цел или конкретен план во важните области, што ги остави граѓаните со празна реторика и без насока за иднината. СДСМ во континуитет бара сериозен и одговорен пристап во политиката“, соопшти СДСМ.

Поврзани содржини