ОПОЖАРЕНИ ВОЗИЛА – На 05.08.2020 во 02.41 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг просторот од бул.„Партизански одреди“ со ул.„Есперанто“, во населба „Порта Влае“, настанал пожар на патничко возило „тојота јарис“, во сопственост на правно лице од Скопје, чиј сопственик е Г.Ѓ.(57) од Кичево, кое било целосно опожарено. Од пожарот биле зафатени и патничките возила „мерцедес Ц200“ и „хјундаи акцент“. Од Противпожарната единица од Скопје пожарот е изгаснат, а повредени лица нема. Увид на местото на настанот направила екипа од СВР Скопје.
ТЕПАЧКА НА КРСТОСНИЦА – На 04.08.2020 во 17.40 часот, Б.А.(37) од Тетово пријавил дека околу 17.40 часот, додека со своето патничко возило ,,поло“, со тетовски регистерски ознаки, заедно со четворица другари, запрел на крстосница од ул.,,133“, непознато машко лице кое управувало патничко возило ,,мерцедес“, со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувало уште едно непознато лице, најпрво вербално, а потоа и физички го нападнало. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
СООБРАЌАЈКА КАЈ САЕМ – На 04.08.2020 во 16.45 часот на ул.„518“ во Скопје во правец кон „Саем – Ќерамидница“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „поло“, сопственост на МВР, управувано од полициски службеник и патничко возило „ауди А8“, управувано од И.П.(27) од Скопје. Во незгодата возачот и сопатникот од патничкото возило „поло“ се здобилe со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде биле пренесни за укажување на лекарска помош. За незгодата е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Увид на местото на незгодата направила екипа од СВР Скопје.
ТЕПАЧКА НА ПАРКИНГ ВО ВИНИЦА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против А.Ќ.(26) од с. Јакимово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 13.07.2020 во 20.40 часот додека Д.К. бил со неговата девојка во патничко возило паркирано пред неговата куќа во Виница, дошол А.Ќ. и почнал да се заканува, а потоа со метални шипки физички го нападнал Д.К. и удирал по возилото, оштетувајќи го.
ЗАИГРАЛЕ НОЖЕВИ СРЕДЕ НИВА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Л.Џ.(60) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ врз Л.А. (55) од с.Чегране, гостиварско. На 03.06.2020 околу 22.00 часот, откако пријавениот изградил ѕид во нива на оштетениот, Л.А. и неговиот брат отишле на нивата и го повикале Л.Џ. за да разговараат. Притоа настанала вербална расправија, која преминала во физичка пресметка, во која Л.Џ. со остар предмет му нанел убодна рана на оштетениот во пределот на раката, на кој во Ургентниот центар Гостивар му била укажана лекарска помош.
ДВАЈЦА СОСЕЛАНИ ОД ВЕЛЕШТА СИ ГИ ОДМЕРИЛЕ СИЛИТЕ – Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.К.(35), од струшкото село Велешта. Тој, на 13.04.2020 во с.Велешта го пресретнал К.Х.(49) од истото село, и поради претходна караница, го нападнал со остар предмет.
ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ – СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.Б.(33) и О.Л.(25), двајцата од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Првопријавениот во 2019 остварил дополнителен приход, за кој требало да пријави даночна обврска од поголема вредност, односно затаил данок во висина од 196.409 денари, а второпријавената не пријавила дополнителени приходи за 2018 и 2019 година и со тоа прикрила персонален данок на доход од 135.909 денари за 2018 и 212.956 денари за 2019 година, со што го оштетиле буџетот на Република Северна Македонија за 545.274 денари.
ПОВРЕДЕН ПОЛИЦАЕЦ ВО СООБРАЌАЈКА – На 04.08.2020 околу 16.00 часот на ул.„Коста Новаковиќ“ во Скопје се случила сообраќајна незгoда помеѓу патничко возило „тојота“, управувано од Д.Н.(45) од Скопје, патничко возило „бмв“, управувано од А.Н.(24) од Битола и патничко возило „ауди“, сопственост на МВР, управувано од полициски службеник. Во незгодата со телесни повреди се здобил полицискиот службеник, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. За незгодата е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Увид на местото на незгодата направила екипа од СВР Скопје.
ПИРОМАН НА ТИК-ТОК – Нa 04.08.2020 до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР на Република Северна Македонија, преку сервисот „Црвено копче“ пристигната е пријава за лице кое на сервисот за споделување на видеа ТИК ТОК се снима додека врши палење на јавни површини. Пријавата е доставена до СВР Скопје, како надлежна организациона единица која постапува по сторени кривични дела од таа област. МВР презема мерки и активности за утврдување на точниот идентитет на снимката и на учесниците во неа, како и за понатамошно расчистување на настанот.
(Дел од билтенот на МВР од 05.08.2020)