ВЕЧЕР НА СЛОБОДА, ВИРТУОЗНОСТ И ЗВУЧНА АЛХЕМИЈА Концерт на Васил Хаџиманов во „Јавна соба“

Хаџиманов и неговиот бенд премиерно ќе изведат дел од материјалот што ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.

112

Васил Хаџиманов, истакнат балкански и светски џез-музичар со македонско потекло (син на македонската музичка легенда Зафир Хаџиманов) утревечер (1. ноември) ќе одржи концерт во комплексот „Јавна соба“ во Скопје.

Хаџиманов и неговиот бенд ќе се претстават со избор од делата на неговите досегашни осум албуми, а премиерно ќе биде изведен дел од материјалот што ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.






Во своето творештво, Хаџиманов креативно ги спојува џез-импровизацијата, балканските ритми, електрониката и современиот урбан звук, создавајќи единствен музички јазик што ја обединува публиката од различни генерации и култури.

– Најважни во музиката се искреноста и спонтаноста. Џезот е жив организам што постојано се менува – нема правила, сè е дозволено и сè е во игра. Секој настап во Скопје за мене е вистинска радост и повторна средба со луѓе што многу ги сакам. Добрата енергија на сцената почнува со добри луѓе. Секогаш имам среќа да бидам опкружен со фантастични музичари кои споделуваат иста страст – вели Хаџиманов.

Претходните настапи на Хаџиманов Бенд во „Јавна соба“ останаа запаметени со својата музичка виртуозност и спонтаната атмосфера. Се очекува и овојпат концертот на Хаџиманов Бенд да биде незаборавно музичко доживување за публиката.

Билети за концертот може да се набават на: https://drugastrana.mk/event/vhb/

Поврзани содржини