ВЕ МОЛАМ, НЕ ГО ПРЕКРШУВАЈТЕ ПРИМИРЈЕТО! Трамп им честиташе на Иран и на Израел за прекинот на огнот

Војната почна со нападот на Израел врз Иран на 13 јуни. Израел тврдеше дека сака да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а САД се вмешаа во војната во саботата, со напад на три ирански нуклеарни постројки.

2,827

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за „целосен прекин на огнот“ меѓу Израел и Иран. Во објава на Truth Social, Трамп рече дека прекинот на огнот ќе стапи на сила приближно шест часа откако Израел и Иран ќе ги „одбијат“ своите последни напади.

Трамп подоцна објави на својата социјална мрежа Truth Social дека е договорено примирје меѓу Иран и Израел, по она што тој го нарече Дванаесетдневна војна, пренесува Нова.






„Прекинот на огнот сега е на сила. Ве молам, не го прекршувајте! Доналд Џ. Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави!“, напиша тој.

Фото: Принтскрин

Шефот на САД им честита на Израел и на Иран, на, како што вели, храброста и интелигенцијата.

„Под претпоставка дека сè ќе се одвива како што треба, што и ќе се одвива, би сакал да им честитам на двете земји, Израел и Иран, за нивната издржливост, храброст и интелигенција во завршувањето на она што треба да се нарече Дванаесетдневна војна“, рече Трамп во објава на социјалните мрежи.

„Ова е војна што можеше да трае со години и да го уништи целиот Блиски Исток, но не се случи и никогаш нема да се случи! Бог да го благослови Израел, Бог да го благослови Иран, Бог да го благослови Блискиот Исток, Бог да ги благослови Соединетите Американски Држави и Бог да го благослови светот!“

Во последователна изјава, американскиот претседател рече дека Израел и Иран му се обратиле речиси истовремено со порака за мир меѓу двете земји.

„Израел и Иран ми се обратија, речиси истовремено, и ми рекоа: ‘Мир!’. Знаев дека моментот дојде. Светот и Блискиот Исток се вистинските победници! Двете нации ќе доживеат огромна љубов, мир и просперитет во својата иднина. Тие имаат толку многу да добијат и толку многу да изгубат ако отстапат од патот на праведноста и на вистината.

Војната почна со нападот на Израел врз Иран на 13 јуни. Израел тврдеше дека сака да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а САД се вмешаа во војната во саботата, со напад на три ирански нуклеарни постројки.

Иран инсистира дека ја развива својата нуклеарна програма исклучиво за цивилни цели.

Според Си-Ен-Ен, Трамп и група врвни дипломати од САД и безбедносни претставници интензивно работеле зад сцената за да се обидат да постигнат мировен договор и да го прекинат конфликтот , во часовите откако Иран започна ракетен напад врз американската база во Катар.

Иранските државни медиуми објавија во вторник по локално време дека „е воведен прекин на огнот врз непријателот“ по воениот одговор на земјата на „американската агресија“.

Поврзани содржини