ВЕ ГРИЗЕ ЛИ И ВАС ЦРВОТ НА СЛОБОДАТА? Романот на Јованоска е искрен дијалог со себе

Талентираната писателка Јованоска, како што и самата ќе забележи во едно интервју, „преудобно се чувствува во пишаниот збор“. Таа ни се обраќа со зрел говор, со изобилство на научени животни лекции, кои брзо се менуваат пред очите на читателот.

1,413

Романот „Денот на црвот“ на писателката Симона Јованоска (1985) претставува еден мошне реалистичен осврт на животниот циклус на една генерација суштества која случајно или не дели исто време и простор на Земјата.

Дејството во романот е поставено како на замрзнато платно на кое со нежен или груб допир се оживува следниот чин. А секој нареден чин ни открива една нова животна приказна која нѐ соочува со тешки животни прашања и одлуки пред кои се исправени ликовите од сликата.






Домаќинката Грета која ќе скокне од првиот кат за да си го одземе животот, крадецот Артур кој тајно ќе повика итна помош за да ја спаси, гробарот Доналд кој го наследил бизнисот од татка си, а бил голем обожавател на „Битлси“ и наликувал на Џон Ленон, пластичното пиштолче на Спенсер покрај кое тој ќе собере храброст да ѝ се спротистави на сопствената ништожност, девојката Лондон која умешно ги оплакува покојните лондончани, снаодливата Патриција, која води ресторан, има перална за алишта, па ќе заработува и преку интернет, повратникот-затвореник Били кој ќе го допре дното на животот во неговата ќелија, каде ќе сфати дека оставил трага во животот како што тоа го прави црвот…

Истовремено, Јованоска ни го прикажува животот и од перспективата на чавчето кое ја пробива лушпата и прво нешто што ќе види е задникот на мајка си, и на црвот кој ја рие земјата за да дојде до светлината и до слободата.

Секој лик од овој роман копнее по својата лична слобода, сака да се ослободи од наметнатите предрасуди, од предвидливите социјални и лични оклопи.

Романот е составен од 19 глави кои може да функционираат и како засебни раскази. Нив мошне умешно ги поврзува една нишка која се движи по патеката на црвот и постојано открива дека животите на ликовите се испреплетени и се допираат онаму каде што најмалку се очекува, дека животот е циклус кој може, но не мора да нѐ поврзе во исто време и на исто место.

Талентираната писателка Јованоска, како што и самата ќе забележи во едно интервју, „преудобно се чувствува во пишаниот збор“. Таа ни се обраќа со зрел говор, со изобилство на научени животни лекции, кои брзо се менуваат пред очите на читателот. Речениците се вешто завршени мисли, полни со пораки, духовитост и изненадувачки искрен дијалог со себе. Тие имаат брз ритам и речиси недосегливо се тркалаат пред сознанијата на читателот.

„Денот на црвот“ (2021) во издание на „Или-или“ е прв роман на Јованоска. Во моментов е во конкуренција за Роман на годината, награда што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Ова е задолжително четиво ако сакате да видите како по
деднакво интригантно може да функционираат различните перспективи на живите суштества, како изгледа совршениот соживот, и да си потврдите уште еднаш колку животот е кревок, а сите ние, несвесни за чудата, сме дел од едно големо чудно нешто наречено живот.

Поврзани содржини