„ВЕЌЕ ВКЛУЧУВАМЕ ВО ПЕТТА И ВО ШЕСТА БРЗИНА“ Мицкоски најави инфраструктурен бум и борба против корупција

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува максимална посветеност во исполнување на владината програма во следниот период, преку повеќе од 400 нови проекти, мерки и реформи кои ќе бидат насочени кон развој и раст, подобар животен стандард, поквалитетно образование, борба против корупцијата, инвестиции во здравството и големи инфраструктурни зафати.

1,480

Во оваа тешка година имаме резултати зад нас кои се јасен показател дека стигнавме на солидна основа. Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти – порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од работата на Владата, одржан под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува максимална посветеност во исполнување на владината програма во следниот период, преку повеќе од 400 нови проекти, мерки и реформи кои ќе бидат насочени кон развој и раст, подобар животен стандард, поквалитетно образование, борба против корупцијата, инвестиции во здравството и големи инфраструктурни зафати.






– По години на празни ветувања и перманентна политичка криза, не почнавме од нула, туку од минус – од рушевини кои беа оставени зад себе. Наследивме систем што се кршеше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба, но не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ги поставила првите тули на новите темели со посветеност и љубов кон секој граѓанин, секоја заедница и секој сон.

– Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината. Овие темели не се само тули, или камења и бетон. Тие се секој наш збор, секоја капка пот, секој чекор што го правиме за тебе, за твоето семејство, за твојата иднина. Овие темели се твојата доверба, твојата борба, твојата вера дека Македонија заслужува повеќе – заслужува правда, ред, развој и почит. Тоа се темелите на новата ера – нагласи тој.

Премиерот додаде дека Владата не ветува брзи решенија, но ветува истрајност и вистински реформи.

– Секој ден на напредок е победа. Секој ден е борба за достоинство, за иднината што ја заслужуваме. За децата што ќе растат во безбедна и чесна земја. За сите нас што веруваме дека можеме и мораме подобро – рече тој.

Оваа година, според него, била година на напорна работа, посветеност, враќање на довербата и стабилизација.

– Година во која секој од нас даде дел од себе за да го изгради новиот пат. Свесни сме за огромните очекувања и за досега многупати изневерените надежи. Се трудевме да изградиме стабилизација која ќе поттикне развој, консолидација која ќе донесе раст. Затоа денес гледаме напред со увереност и срце полно надеж. Времето на секој еден од вас допрва доаѓа! Време кога ќе ги оживееме нашите соништа, кога заедничка Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците – ќе се издигне посилна и посветла од кога било. Време кога твојот глас, твојот труд и твојата иднина ќе бидат нераскинлив дел од нашата политичка и животна приказна – нагласи тој.

Во завршницата од обраќањето, Мицкоски повторно подвлече дека реализирале или започнале над 250 поголеми проекти и објави дека за повеќе од три пати ќе се зголеми бројот на проекти во следната година.

– Веќе вклучуваме во 5-та, па и 6-та брзина. Очекувам преку 400 проекти, мерки, чекори и реформи во наредниот период. Тие ќе бидат насочени на раст и развој, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, реформи во здравството, големи инфраструктурни зафати, даночна политика, справување со инфлација и трошоците на живот, поддршка за млади, земјоделци, работници, нови домови и возила – посочи Мицкоски.

– Ова е времето за кое се надеваме – време на длабоки промени кои ги заслужуваме – заклучи премиерот.

Поврзани содржини