Веќе нема невини
Овие луѓе, такви какви ги дал Господ, не разбираат ама баш ништо, најмалку дека во политиката има само прерано и предоцна. Прераното е добредојдено, и најчесто наградено, она предоцна е – катастрофа. Зошто ние секогаш доцниме?
Како и да го читаме оној Михаил Рот, инаку не баш прославена европска фигура за македонските евроинтегративнио процеси, некои нешта оставаат впечаток на поуки што некој, овде, требал да ги знае многу денови – или барем утрото на клучниот ден – пред да ја вовлече државата во овој апсурден лавиринт на убиствени понижувања. Требал да знае кога се наредните европски избори, какви се прогнозите, во која насока се движат предлозите за „новата архитектура“ на ЕУ, зошто Франција, а богами и Германија толку ја фаворизираат Бугарија, требал задолжително да најде „ментор“ меѓу поголемите европски држави… итн., итн.
Рот во одредени реченици де факто им одржа предавање на овие македонски недозреани доматовидни политиканти што требале – и треба – да прават за да добијат подобар третман на патот кон ЕУ. Но, мислите дека оној Ковачевски, Маричиќ и Османи – го разбраа? Ако го разбереа, зарем премиерот ќе се глупираше со некаков „комунистички режим“ заборавајќи си ја личната „политичка“ генеза, зарем Маричиќ упорно ќе дуваше во трубата „ова е последниот моментум“ а Османи нон-стоп ќе му терцираше со рефренот „сега е моментот“? Она што требаше многу, многу утра претходно да го прават нашиве слепци, платени и преплатени за работите што не ги вршат, сега други ни ги толкуваат.
Овие луѓе, такви какви ги дал Господ, не разбираат ама баш ништо, најмалку дека во политиката има само прерано и предоцна. Прераното е добредојдено, и најчесто наградено, она предоцна е – катастрофа. Зошто ние секогаш доцниме? И зошто никогаш немаме ништо?! Затоа што во политиката глупоста не е хендикеп, велел Бонапарта. А ние стенкаме од глупост! Зарем не гледаат како фон дер Лајен егзалтирано ѝ се заблагодарува на Бугарија „за добрите практики“ и умира од желба да ја внесе во Шенген?
И не само што доцниме и немаме ништо, туку нашата (поточно: нивната) неукост и простотија ја плаќаме сите заедно, ни криви ни должни. Или не сме баш така „ни криви ни должни“? Зашто ние сме жив егземплар на она што уште Платон го велел: една од казните за одбивањето да се учествува во политиката е што завршувате управувани од инфериорни! Политиката ја гледавме како ефемерна занимација (па и заебанција, да простите), за губење време, забава за приглупи и приучени…? Е па сега – повелете.
А овие кај нас не се само „полуобразовани“ (Адорно) и инфериорни, приглупи и приучени туку згора се и арогантни, не се само неуки туку се и прости, не се само дилетанти туку се и силеџии… Сите до еден. Заедно со оној Пендаровски кој живее во некој свој „претседателски“ филм и немаше да се кандидира за втор мандат, но сега трча по спонзори за втор дел на филмот. Ама никако да ги најде. Па ја преминал и „границата“ кај Групчин во таа залудна потрага. Политиката е исплатлива, нели?
Секако, ама нам помила ни беше професијата, мирот, стручноста, идејата…, дури и за помали пари. Е па затоа овие ја разнесоа, ја разнебитија цела земја, финансиски си ги обезбедија идните неколку генерации, ги школуваат децата во странство, целите семејства (жени, малолетни деца, баби, дедовци…) им се вклучени во бизнисите или вработени „на државно“… Затоа, нема веќе невини: сите сме виновни за ова што ни се случува. Страв нѐ фаќа кога гледаме кој ја води државата, кој нѐ лекува, кој ни ги учи децата и внуците, кој ги чува во градинките, кој предава по училиштата и факултетите… Сето тоа е резултат на овие политиканти од чушко-френкарски тип околу нас, на нивните партии и лоби групи, на нивните советници и „интелектуално образовани“ подопашници. И сите со токму од оној „комунистички происход“ со којшто, демек, се спрдачи премиерот!
Затоа, кај нас не е цело кога има сѐ, туку е цело кога – нема ништо. Тогаш сме комплетни, гологазно целовити, тотално инфериорни во регионот, Европа и светот. За сегашноста, и особено за иднината, ќе остане крајно нејасен – вистинска енигма – гласниот граѓански молк како одговор на сите навреди, потценувања и малтретирања. Секој потег на власта, секоја изјава, секој план им е контроверзен, најчесто непромислен и дури бесмислен, објаснувањата на политиките им се граничат со возраста на второодделенци итн., но сето тоа им поминува без соодветна поагресивна граѓанска реакција.
Дали тука има удел летаргичноста после украдената „Шарена револуција“, кога прв пат во поновата историја македонскиот граѓанин гласно застана во одбрана на своите демократски права, но потоа дозволи политичките партии и инфилтрираната квазиграѓанска „шеста колона“, дотогаш скриени во нивните штабски дувла, да им ја киднапираат победата? Можеби, но тоа беше само еден пораз. Што со другите? Што со законодавната травестија со европско знаменце за фамозните „историски коридори“ и сега со Казнениот законик? Па зарем на македонскиот граѓанин не му пречи таа безобразна парада на неказнивост на инфериорниве?
Зарем така лесно се помирува и со хоророт викан Онкологија, или со суровата „полуобразовна“ диктатура со учебниците? Или последниов идиотизам на провинцијалкана со децата со Даунов синдром? И кога ќе повлечете линии на сврзување меѓу овие нешта, и на уште многу други, ќе видите дека од општеството неповратно истекуваат сите позитивни енергии. Некој ќе рече: а што друго би очекувале од пресијата на онакви кривонадарени умови како оние во власта? Но токму за тоа станува збор: зарем сѐ уште можеме да се сметаме себеси за невини со нашиот молк пред оваа владејачка катаклизма?
Каде се сега студентскиот и професорскиот пленуми да кренат глас против „професорине“ во капларски шинели, во која дупка се сокриени оние наводни предводници на протестите против „заробената држава“ па дозволуваат некои бивши пискарала да им ја валкаат „револуцијата“, каде се оние „силни“ слободоумни „интелектуалци“ кои така здушно врескаа контра бившата власт ама на оваа лукративно ѝ легнаа во скут…? Сега измислуваат слонови и горили и „откриваат“ руски ботови и симпатизери? Каква беда!
Ако во едно подалечно време ги кревавме на столбот на срамот оние двајца криминалци за тајниот договор со „Хеленик петролеум“, што требаше да направиме сега со гангстерската постапка за фамозните коридори? Ако амнестијата на онаа некогашна претседателска креатура предизвика палење на неговата (секогаш празна) канцеларија во центарот на Скопје, што треба(ше) да направиме по експресните измени на Кривичниот законик и еднакво итниот потпис на оној другион од Водно?
Кои се, какви се овие демократски параметри на македонскиот граѓанин, или кај него црвената сијаличка се пали само според некакви симпатии, пријателства, семејни врски и др.? Колку Мартини беа директно убиени од оваа власт, но тоа предизвика само благо „згрозување“? Ако граѓанинот молчи кога вицепремиерот Битиќи соопштува дека цените на прехрамбените производи во Европа поскапеле само 11%, а кај нас цели 46%, каква порака испраќа до власта? Дека му е малку сето ова, дека може да издржи уште повеќе?
Затоа, всушност, најмал проблем се минорните експонати од форматот на Ковачевски, Маричиќ, Османи, Грковска и останатото неспособно star-wars братство. Во оваа општа празнотија на умот, нивната појавност е тотално незабележлива. Единствениот проблем во оваа држава е неразбирањето на „правото на протест“ односно „правото на револуција“ како едно од основните граѓански права. Ама за тоа нема да пишуваат оние со слоновите и горилите или оној што од грмушка лови проруски партии и поединци во Македонија.
Македонскиот граѓанин заборави на ова свето право што го воскресна „Шарената револуција“, но еднакво брзо и го згасна. Тоа право е и должност да се отфрли/смени една власт којашто работи спротивно на јавниот интерес и вољата на мнозинството граѓани.
А таа „заборавност“ веќе прескапо го чини. Затоа, на „судниот ден“, или денот потоа, граѓанинот не ќе може да (се) праша: а што правевме ние толку години?
П.С. И замислете каква ерес во самото срце на ЕУ: кнежеството Монако ги прекинува преговорите за членство во ЕУ? Какви ли слонови сега ќе ги газат?!