„ВЕЌЕ 10 ГОДИНИ НЕКОЈ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН НЕ СЕ НАЈДЕ ВО ЕУ“ Пендаровски со критика до Брисел поради европскиот пат на земјите од регионот

Поранешниот претседател Пендаровски истакна дека Европската Унија не покажува доволно ангажираност кон регионот, што е главна причина за застојот.

836

Поранешниот претседател Стево Пендаровски, учествувајќи на панел-дискусијата „Западниот Балкан на крстосница меѓу Западот и Истокот“ во рамките на глобалниот безбедносен форум „Глобсек“ во Прага, изрази загриженост за забавениот процес на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Тој посочи дека, иако Северна Македонија и Црна Гора беа водечки земји во овој процес, ниту една од нив не е блиску до членство.

– Повеќе од јасно е дека ние не ги завршивме нашите домашни задачи. Но, кажете ми, како е можно во последните 10-11 години никој од Западен Балкан да не успее на патот кон Европската Унија? Црна Гора преговара 12 години, Србија е слично време формално во тој процес, а никој не е ниту блиску до крајот на тој долг пат – вели поранешниот претседател.






Пендаровски истакна дека Европската Унија не покажува доволно ангажираност кон регионот, што е главна причина за застојот. Тој спомена дека Северна Македонија, која порано беше најпроевропската и прозападна држава во регионот, сега бележи значителен пад во поддршката за полноправно членство во ЕУ. Поради сложената внатрешна структура и етничката разноликост, Европската Унија беше гледана како решение за меѓуетничкиот соживот и економскиот просперитет, но тој ентузијазам значително опадна.

– Споменавте неколку вета, некои беа неформални, како француското вето, тоа беше барање од францускиот претседател да имаме подобра методологија, односно бидејќи заостанувањето на регионот било поради методологијата. Секако, тоа не беше вистина. Тоа никогаш не беше вистина. По мое видување, заостанувањето на патот кон ЕУ на Западен Балкан е најмногу поради Европската Унија. Кога го велам ова, не сакам да оправдам ниедни погрешни политики од локалните лидери и од регионалните лидери. Повеќе од јасно е дека ние не ги завршивме нашите домашни задачи. Но, кажете ми, како е можно во последните 10-11 години никој од Западен Балкан да не успее на патот кон Европската Унија? Црна Гора преговара 12 години, Србија е слично време формално во тој процес, а никој не е ниту блиску до крајот на тој долг пат – рече Пендаровски.

Во своето излагање, Пендаровски додаде дека заостанувањето на регионот е повеќе поради недоволната посветеност на Европската Унија, отколку поради проблемите на локалните лидери. Тој заклучи дека е неопходно ЕУ да го зголеми својот ангажман и да ги забрза процесите на интеграција на Западен Балкан, со цел да се врати надежта за полноправно членство на овие земји.

Заедно со Пендаровски, на панелот учествуваа и поранешните претседатели на Хрватска и на Црна Гора – Колинда Грабар-Китаровиќ и Мило Ѓукановиќ, како и поранешната висока претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон.

Поврзани содржини