Според експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, не е направен правен преседан со отповикувањето на одлуката за распуштање на претходниот парламентарен состав и со одложувањето на изборите, кои првично требаше да се одржат на 24 април, а тоа се случи дури на 11 декември
Вељаноски преку Фејсбук се огласи по информациите дека се направил правен преседан кога Собранието било распуштено, па се вратило во заседание.
– Прво, на 87. седница одржана на 18 јануари 2016 година се донесе одлука за распуштање на Собранието, која имаше одложено дејство, односно со примена од 24 февруари 2016 година.
– Второ, бидејќи тогашната опозиција не се согласуваше да има избори (иако беа договорени во Пржино), имаше најава од опозицијата дека нема да учествува на избори. Поради тоа, пред да стапи примената на одлуката за распуштање на Собранието на 95. седница, одржана на 23 февруари 2016 година, Собранието донесе одлука за измена на одлуката за распуштање, со тоа што примената наместо на 24 февруари да биде на 7 април 2016 година.
– Трето, Собранието, согласно со изменетата одлука, на 7 април 2016 година се распушти и се донесе решение за одржување на избори на 5 јуни 2016 година.
– Четврто, откако се распушти Собранието и се донесе решение за избори, Уставниот суд со одлука У.бр.104/2016 во мај 2016 година ја поништи одлуката за распуштање на Собранието и врз основа на таа одлука на Уставниот суд, Собранието продолжи да работи се до 17 октомври 2016 година.
„Според ова, Собранието не направи правен преседан, туку Уставниот суд ја поништи одлуката за распуштање, а за мотивот и образложението на одлуката на Уставниот суд во друга пригода, пишува Вељаноски.