Мајката на Ванеса Брајант, Софија Лејн, во неодамнешното интервју го шокираше светот, тврдејќи дека нејзиниот однос со ќерката не само што драстично се променил, туку и дека Ванеса ја избркала од куќата.
Во интервјуто, Софија тврди дека Ванеса, по трагедијата што се случи на почетокот на годината, во која загинаа славниот кошаркар Коби Брајант и нивната ќерка Џиџи, ја принудила да се исели од семејната куќа, како и да го врати автомобилот што го користела.
– Таа само ми рече: „не те сакам во оваа куќа“, како и дека треба веднаш да ѝ го предадам и автомобилот – рекла Софија.
Ванеса бурно реагираше на ова интервју, велејќи дека нејзината мајка изнесува невистини.
„Откако ненадејно ги изгубив сопругот и ќерката, мајка ми се осмелува да зборува негативно за мене на телевизија додека пролева солзи околу автомобилот и куќата кои не беа на нејзино име“, пишува во долгото соопштение на Ванеса.
Таа тврди дека во ТВ-настапот, нејзината мајка намерно го тргнала накитот кој инаку го носи, и дека исценирала сè за да изгледа дека нема финансиска поддршка од неа.
„Мојот сопруг и јас ја поддржувавме финансиски во изминатите 20 години, и јас продолжувам да го правам тоа, со месечна алиментација што ја добива од мене“, навела Ванеса, оценувајќи ги зборовите и обвинувањата на нејзината мајка Софија „крајно болни“.
Ванеса рекла дека сега сфаќа што е важно за нејзината мајка и дека тоа страшно боли, но дека се надева дека Софија сега ќе престане да зборува за нивниот однос во јавноста.
ФОТО: Инстаграм