Вавилонска збрка со името
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот Марјановиќ пишува за варијациите, односно за проблемите со државното име, а со коишто лично се соочил: некаде било прифатено името „Macedonia“, некаде „FYROM“...
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 17 јуни 1998 година)
Многу пати сум им раскажувал на моите студенти за исколчениот ум на тоталитаризмот, во кој дури и сонот можеше да биде повод за тешка осуда: пред кој знае колку години некаде прочитав дека еден албански суд осудил на седум години затвор човек само затоа што на соседот му раскажал сон – како на брегот од морето се појавиле чамци со војници на странска држава. Судот нашол дека „сонувачот”, всушност, шири непријателска пропаганда против државата алудирајќи на потребата од странска интервенција.
Деновиве читам еден лош превод на многу интересна албанска книга (во која бројните србизми јасно упатуваат на тоа дека повеќе се работи за превод од превод, одошто за превод од оригинал): главниот јунак работи во институција што се занимава со собирање, одбир и толкување на соништа (!). Во еден момент ќе му дадат да толкува провокативен сон кој зборува за пеколот на изумрени држави.
За разлика од луѓето, умрените држави во пеколот не биле казнувани, туку ги подготвувале за враќање на земјата. „Така, одамна изумрените држави, што сега ги викаа трупови, можеше одеднаш да станат и полека повторно да се појават на површината на Земјината топка. И, онака како што тоа се правеше со артистот пред да излезе на сцена во нова улога, така и ним им се правеа неопходни измени, им се менуваше името, обележјата на знамето, иако во суштината остануваа онакви какви што си беа, истите оние стари држави”.
Оваа слика за пеколот на државите од сонот постојано ми беше пред очи минатата недела во Советот на Европа во Стразбур. Она што таму се случува со името на Македонија во голема мера личи на визијата од споменатиот сон. Иако отпрвин се чинеше дека ќе биде поинаку!
Имено, кога доаѓате во Палатата на Европа на некаков состанок првин си го кажувате името и средбата на која сте поканети: Пленарна сесија на ЦД ПЦ (Европски комитет за проблеми на криминалот). Службените лица ви даваат едно картонче во пластичен држач (т.н. „беџ”), што обично се прицврстува врз џебот од костумот и потоа служи како пропусница. На него е вашето презиме и името на земјата што ја претставувате.
Овој пат средбата со безбедносната европска бирократија ветуваше многу: за прв пат на мојот „беџ” не пишуваше „The Former Yugoslav Republic of Macedonia”, туку просто „Macedonia”, што детински ме израдува. Фала му на Господа, веќе се свестиле за тешката глупост на евокативниот акроним.
За жал, не сите! Веќе во салата местото ни беше означено со „The Former Yugoslav Republic of Macedonia”, од едната страна, односно, „L’ex-republique Yougoslave de Macedoine”, од другата страна.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.