ВАСИЛОПИТАТА И СТАРАТА НОВА ГОДИНА Што значат лепчето и паричката во овој обичај?
Василиј побрзал и на ѓаконите и помошниците им наредил да се замеси голема пита, толку голема што во неа ќе можат да се соберат сите златници и монети, а потоа истата да им се раздаде на луѓето. Помошниците се зачудиле, но ја замесиле питата.
Старата православна Нова Година или Василица којашто ќе ја чекаме денес на 13-ти, наспроти утре, по стариот календар, ја крие приказната за светецот Василиј и неговата „василопита“. Кога Василиј предвидел дека градот Кесарија во денешна Мала Азија ќе биде нападнат од Јулијан Отстапникот кој ги гонел Христијаните, оти во тоа време не биле признаени од Рим, тој им рекол на луѓето да го соберат сето злато и пари кои ги имаат за да му ги понудат на војсководецот, па белким така градот ќе се спаси.
Така и направиле. Но, вечерта кога Василиј држел богослужба, оти бил епископ на градот, му дошла визија. Тој видел како Богородица наредила градот да биде ослободен, а безумниот цар и среброљубец Јулијан да биде убиен од св. Меркуриј маченикот. За да биде сигурен Василиј во храмот на св. Меркуриј го побарал неговото копје, но тоа го немало.
Значи вистина било, градот бил спасен, но што да се прави со златото? Како ќе им го врати црквата златото на луѓето? Василиј побрзал и на ѓаконите и своите помошници им наредил да се замеси голема пита, толку голема што во неа ќе можат да се соберат сите златници и монети, а потоа истата да им се раздаде на луѓето. Помошниците се зачудиле, но ја замесиле питата.
И би чудото на св. Василиј! Кога секое семејство во градот скршило од питата, во своето парче нашло златници. Но, не било колку златници, туку токму онолку колку што тие отпрвин ставиле во внатре во лепчето.
Инаку, Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
По него празникот се вика Василија. Во Македонија луѓето го прославуваат со храна, пиење, но и со василичарски песни. Еве некои од нив:
Сурова, сурова година,
голем клас на нива,
голем грозд на лоза,
жолт мамул на леса,
живо здраво до година,
до година до амина.
***
„Чук, чук. Кој иде? Св.Василије,
Од кај иде? Од Сардинија,
Што носи? Здравје и бериќет,
Повели влези, нека влезе во секоја куќа Св.Василија
и секаде нека донесе здравје и бериќет,
Среќна православна Нова година Василица. “
***
По мене бабо, по мене,
како струпска ертица,
како прилепска ножница,
сурва, сурва година.
Сурва, сурва година,
голем клас на нива,
голем грозд на лозје,
жолт мамул на леса,
црвено јаболко в градина,
живо-здраво до година,
до година до амина,
пара, пара домаќине!