Василевска: Пратениците од СДСМ ја бранат директорката на Агенцијата за вработување, наместо правото на работа
Хибридниот режим на СДСМ продолжува да ги прекршува основните слободи и човекови права на граѓаните. Денес во Собранието беше закажана првата седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободи и права на граѓаните, на која што на дневен ред беше разгледувањето на претставката од граѓанинот Горан Јовановски од Тетово, рече на прес конференција Иванка Василевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
– Претставката на Јовановски се однесува на неможноста да се врати на своето работно место во Агенцијата за вработување, поради директен мобинг, политичка нетрпеливост и реваншизам од страна на надлежната директорка. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеење на правото додека во член 9 е опишано дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободата и правата независно од националното и социјално потекло, политичко и верско уверување. Пратениците на владиното мнозинство предводено од СДСМ денес, не се појавија на закажаната комисија со што пред целата македонска јавност го покажаа своето вистинско лице и својот однос спрема почитувањето на основните човекови права и слободи – рече Василевска.
Според неа, овој нечовечки, и крајно незаконски однос на пратениците од СДСМ е доказ дека хибридниот режим во нашата држава ги загрозува основните човекови права и го загрозува угледот на Република Македонија покажувајќи дека во Македонија се спроведува партиски реваншизам и политичка нетрпеливост и најдиректно се ставија во заштита на директорката на Агенцијата за вработување.
– Правата на граѓанинот Горан Јовановски се заштитени со низа закони кои што му ја гарантираат работната позиција како и правотo да напредува во својата кариера. Законите во Република Македонија мора да важат за сите подеднакво, а Собранието и пратениците имаат обврска како претставници на граѓаните да ги бранат и почитуваат нивните права, а не да спроведуваат партиски интереси со кои што ја загрозуваат кредибилноста на функцијата „пратеник“. Апелираме до пратениците од парламентарното мнозинство наместо само да зборуваат за почитување на основни човекови права и слободи да се појават на комисијата и со своето присуство на комисијата да дозволат овој граѓанин да го добие своето загарантирано право – рече пратеничката.