ВАШИНГТОН И ПЕКИНГ ЌЕ БИДАТ ВО ДИРЕКТНА ВОЕНА КОМУНИКАЦИЈА Според Хегсет, билатералните врски никогаш не биле подобри
Американскиот секретар за војна, Пит Хегсет вели дека разговарал со својот кинески колега, адмирал Донг Џун, доцна синоќа и дека се согласиле дека „мирот, стабилноста и добрите односи се најдобриот пат за две големи и силни земји“.
Вашингтон и Пекинг ќе воспостават директни канали за воена комуникација, изјави синоќа американскиот секретар за војна, Пит Хегсет, додавајќи дека билатералните врски меѓу двете земји „никогаш не биле подобри“.
Хегсет рече дека разговарал со својот кинески колега, адмирал Донг Џун, доцна синоќа на маргините на регионалниот безбедносен состанок и дека се согласиле дека „мирот, стабилноста и добрите односи се најдобриот пат за две големи и силни земји“.
Ова тој го објави на мрежата Икс неколку часа откако ги повика земјите од Југоисточна Азија да бидат цврсти и да ги зајакнат своите поморски сили, за да се спротивстават на сè „подестабилизирачките“ акции на Кина во Јужното Кинеско Море.
„Се стремиме кон мир. Не бараме конфликт, но мора да се осигураме дека Кина не сака да доминира ниту над вас, ниту над кој било друг“, вели Хегсет.
Јужното Кинеско Море останува едно од најнестабилните жаришта во Азија. Официјален Пекинг положува право на речиси целиот регион, а членките на АСЕАН, Филипините, Виетнам, Малезија и Брунеи, исто така, тврдат дека имаат крајбрежни области и објекти.