ВАШИНГТОН ГО ПОМИЛУВА ДОСЕГАШНИОТ НЕПРИЈАТЕЛ Укинаати санкциите за Додик и за неговото семејство
Американското Министерство за финансии го повлече потегот што ја изненади цела Европа – Милорад Додик и неговите блиски луѓе повеќе не се под санкции, а според неофицијални информации, сè е дел од поширок политички договор со САД.
Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави ги укина санкциите за повеќе лица од Република Српска, меѓу кои и за лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, неговото семејство, неговите компании и дел од неговите најблиски соработници.
Со тоа, Вашингтон направи неочекуван дипломатски потег, со кој – според неофицијални информации – се отвора можност за нов политички аранжман во рамки на Босна и Херцеговина.
Санкциите се укинати и за Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на БиХ.
Американското Министерство за финансии на 17 октомври ги укина санкциите за четворица блиски соработници на Додик, кои беа ставени на црната листа поради промоција на неуставниот „Ден на Република Српска“.
Според неофицијални дипломатски извори, укинувањето на санкциите не е случајно и се смета дека е дел од поширок договор меѓу САД и Додик, според кој тој ќе се повлече од функцијата претседател на Република Српска по правосилната пресуда што се очекува во текот на ноември.
Во рамки на договорот, на местото на Додик привремено ќе биде назначена Ана Тришиќ-Бабиќ како в.д. претседател на РС, со што би се обезбедил континуитет во институциите и би се намалиле политичките тензии во Бања Лука.
Досега нема официјална потврда од Белата куќа или од Кабинетот на Додик, но аналитичарите во регионот предупредуваат дека овој потег може да биде вовед во ново политичко прегрупирање во БиХ и во односите меѓу Западот и српските лидери на Балканот.