„ВАРВАРИ“ НА ГОРКИ ЗА ПРВПАТ НА МАКЕДОНСКАТА СЦЕНА ВО РЕЖИЈА НА ВЛАДИМИР МИЛЧИН Импресивната актерска екипа е поставена пред длабоки морални дилеми
Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот.
Премиерата на претставата „Варвари“, дело на големиот руски писател Максим Горки, во режија на проф. Владимир Милчин, ќе се одржи на 13 ноември, а следната изведба е закажана за 14 ноември 2025 година.
Во оваа амбициозна сценска постановка учествува импресивна актерска екипа: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов.
Голем дел од актерската екипа се поранешни студенти на режисерот Милчин, што му дава на проектот дополнителна уметничка димензија.
– Во годината кога МНТ одбележува 80 години од постоењето, горд сум што за првпат во историјата на македонскиот театар, делото „Варвари“ ќе оживее токму на оваа сцена. И уште повеќе, благодарен што професорот Владимир Милчин го стави својот режисерки печат токму на оваа претстава. Благодарен сум на актерите, кои под палката на Милчин, безрезервно се дадоа во процесот на подготовките, како и на тимот зад сцената. И сите заедно успеаја да го материјализираат овој театарски подвиг – за првпат да ги погледнеме „Варвари“ на нашата сцена – изјави на денешната средба со медиумите, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Делото „Варвари“ за првпат се поставува на театарска сцена во Македонија. Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок.
Главните ликови — интелектуалци, инженери, работници и обични луѓе — се поставени пред морални дилеми што ги откриваат нивните најдлабоки човечки слабости и противречности.
Како автор, Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот. Преку инженерите Черкун и Циганов, симболи на „железната“ Русија, која ја уништува човечноста на „дрвената“, Горки поставува суштинско прашање —дали напредокот има смисла ако не е заснован на морал и совест.
Наспроти нив, студентот Лукин ја олицетворува немоќната интелигенција, која ја согледува неправдата, но не наоѓа сила да ѝ се спротивстави.
– „Варвари“ од Максим Горки е моја последна претстава во Македонскиот народен театар (МНТ). Тоа е запишано кај мене. Имав обврска да ја направам оваа претстава – рече режисерот Владимир Милчин на денешната прес-конференција.
-Во Скопје живеам на улица која се сече со Максим Горки. Тоа има некоја симболика дека човекот кој со својата посветеност на правдата платил не само со својот живот, туку и со животот на својот син. Неговиот син е убиен од шефот на НКВД, Комесаријат за внатрешни дела или по наше МВР, во Русија, по револуцијата. Земајќи предвид дека драмата била забранета да се изведува дури и во Русија, матичната земја на Горки, па затоа не е ни чудно што за првпат се изведува во Македонија – рече Милчин.
И денес, повеќе од еден век подоцна, Горкиевите „варвари“ нè потсетуваат дека вистинскиот напредок е невозможен без човечност.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат: сценограф – Беди Ибрахим, костимограф – Марија Пупучевска, преводот на текстот го направија Ема Марковска Милчин и Владимир Милчин, aсистент на режисерот е Шенај Мандак, асистенти на сценографот се Бојана Исијанин и Мартин Манев, асистент на костимографот е Ангела Богеска, изборот на музиката е на Владимир Милчин, извршни продуценти се Виктор Рубен и Симона Угриновска.
По премиерата следи коктел и забава со диџеј Шурбе.