ВАРУФАКИС ЌЕ ОДИ НА СУД ЗА ПРОМОВИРАЊЕ УПОТРЕБА НА ДРОГА Во поткаст зборувал за искуствата од младоста
Идејата да се суди лидер на партијата затоа што зборувал за своите искуства со супстанции пред многу децении не е случајна, наивна грешка – пишува левичарската партија предводена од Варуфакис.
Поранешниот грчки министер за финансии и влијателен економски и политички аналитичар Јанис Варуфакис е обвинет за наводно промовирање употреба на дрога и ќе се соочи со судење – објави денеска неговата левичарска политичка партија МЕРА 25 (MeRA25)
Варуфакис, кој беше член на левичарската влада на Сириза за време на финансиската криза во 2015 година и останува популарен меѓу европската левица, треба да се појави на суд на 16 декември, објавува „Политико“ од Брисел.
Обвиненијата се однесуваат на коментарите што ги даде за време на подкаст во кој призна дека пробал дрога на фестивал во Австралија пред 36 години.
Варуфакис призна дека користел марихуана, но и дека имал искуство со екстази на фестивал во Сиднеј во 1989 година. Поранешниот министер рече дека искуството првично било пријатно, но завршило со мигрена што траела една недела и го обесхрабрила повторно да користи дрога.
Тој нагласи дека ја раскажал приказната за да ги истакне ризиците од употреба на дрога, кажувајќи им на слушателите дека „постои цена што треба да се плати“ и дека зависноста значи „крај на слободата“.
Во соопштението, неговата партија ја обвини грчката влада за „манипулирање“ со грчкото судство за да го таргетира Варуфакис „затоа што тој ја кажува вистината“.
„Иако ставот на грчкиот судски систем во овој случај предизвика многу забава во грчкото општество, оваа приказна е сепак опасна. Идејата да се суди лидер на партијата затоа што зборувал за своите искуства со супстанции пред многу децении не е случајна, наивна грешка. Тоа е порака од судски систем кој ги затвора очите пред оние на власт и ги гони оние кои одбиваат да се потчинат“ – се вели во соопштението на партијата.