Вархеји: Вакцините се подарок од ЕУ за С. Македонија
Станува збор за првите количини од одобрените вкупно 119.213 дози „Фајзер“ кои ЕУ ги обезбедува како помош за С. Македонија преку трилатералните договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“.
Ве уверувам дека ЕУ се грижи и ги поддржува Северна Македонија и Западен Балкан од самиот почеток на пандемијата. Ова е само почеток и ќе продолжиме да бидеме покрај вас, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји попладнево во спортскиот центар „Борис Трајковски“ по предавањето на првите дози вакцини против ковид-19 обезбедени од Европската унија.
– Ова е добар ден за Западен Балкан и за Северна Македонија. Конечно можеме да ги испорачаме првите вакцини. Денеска сме горди да објавиме дека близу 120 илјади вакцини за Северна Македонија ќе бидат испорачани до крајот на август. Тоа е подарок од ЕУ за Северна Македонија за да ја преброди пандемијата. Се надевам дека целосно ќе го заокружиме процесот на вакцинација. Бидејќи не сме безбедни додека сите не се безбедни – рече Вархеји.
Тој посочи дека не било лесно да се обезбедат вакцините и искажа голем благодарност до Владата на Австрија.
Австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер, рече дека е среќна што Австрија и ЕУ успеале да обезбедат 650 илјади вакцини за Западен Балкан, од кои речиси 120 илјади се за С. Македонија.
Зад нас останува периодот кога тешко се стигнуваше до вакцините и сите показатели и динамиката на пристигање на вакцините во претстојнииот период најавуваат дека во тој поглед имаме сериозни промени на подобро. Сепак и во такви услови солидарноста на ЕУ за нејзините земји членки, како и за земјите кандидати за членство во Унијата не изостана, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој денеска е во Скопје во рамки на неговата балканска турнеја по повод пристигнувањето на првите вакцини против ковид-19, споделени и финансирани од ЕУ.
Станува збор за првите количини од одобрените вкупно 119.213 дози „Фајзер“ кои ЕУ ги обезбедува како помош за С. Македонија преку трилатералните договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“.
– Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан што ја координира Австрија пристигна првата испорака од 4.850 дози од вкупно 19.890 што се предвидени да бидат испорачани во месец мај. Дополнително денес добивме и 4.850 дози набавени врз основа на директен договор склучен со овој производител со „Фајзер“. Со редовните месечни количини вкупните 119.213 вакцини „Фајзер“од оваа програма ќе бидат целосно испорачани до крајот на август. Со овие вакцини заедно со целата останата количина што веќе ја имаме во нашата земја, како и со сите останати договорени да пристигнат во нашата земја во наредниот период, па се до крајот на годината влегуваме почнувајќи од денеска во широка и обемна имунизација на севкупното население во земјата – рече Заев.