Вархеји си игра мајтап со Mакедонија

Последниве година две, во сите понижувања, на коишто беше изложена Македонија од страна на Бугарија, Вархеји играше речиси главна улога. Откако Софија стави вето на почетокот на нашите преговори за членство во ЕУ, тој беше задолжен да се најде излез, или решение. Сите негови потези (веројатно без исклучок!), беа во корист на Бугарија.

2,197

Европската унија е цивилизациско достигнување на стариот континент, коешто со сите сили мора да се чува и негува. Со векови, Европа била светскиот центар на судири и војни, вклучувајќи и две светски и затоа, постигнатото обединување мора да се шири и да зајакнува, за да овозможува добробит.

Непростлива грешка е што е Русија надвор од процесот на интеграција. Нема безбедна, стабилна и просперитетна Европа, без Русија. По војната во Украина, приближувањето ќе биде – незамисливо. Затоа, уште долго, Европа ќе остане ранлива. Голем проблем е што политиките и интересите на САД, не се поклопуваат со тие на Европа. Веќе подолго време, стариот континент е надвор од глобални калкулации на САД, што е сериозна грешка на Вашингтон.






Бесмислен потег на Брисел е, пак, што во чекалната на Унијата предолго ги остави останатите шест балкански земји. Нема никакви индикатори дека тоа се согледува и надминува.

Југославија се распадна бидејќи беше невозможен договор меѓу шесте федерални единки. Во Унијата веќе има 27 членки и нивното меѓусебно усогласување оди сè потешко. Функционирањето е се’ покомплицирано и понеизвесно, и затоа се најавуваат сериозни и длабоки реформи. Истите, меѓутоа, ќе биде многу тешко да се спроведат бидејќи и за тоа е потребен – договор.

Четвртиот главен предизвик за Унијата (по Русија, САД и нефункционалноста), та дури и најголема опасност за нејзиниот опстанок е огромниот бирократизам, којшто неконтролирано се развива во нејзините институции. Силен е впечатокот дека таму владее одредена анархија, бидејќи никој, никому не одговара, а не постои соодветно етаблирана контрола. Да го спомнеме само случајот на францускиот комесар (министер), која претходно беше и премиер на својата земја. Како советник, си го довела и вработила својот – фризер! Такви примери има безброј.

Унијата, секако ќе опстане. Тоа е интерес на (речиси!) сите членки, ама е исто така сигурно и дека проширување нема да има, уште многу долго. Сепак, Македонија треба со сите сили да се реформира, за да стане дел од неа, ама само на достоинствен начин. Никако не со бришење на македонскиот народ, како што се обидуваат да ни наметнат. Со упорни, правилни и без дефетизам политики, Македонија може да успее. Во добра мерка, тоа ќе зависи од нас самите.

Комесарот за добрососедство и проширување на Унијата, Оливер Вархеји, добро ни е познат. Следната години (2024), се избори за Европскиот Парламент (ЕП) и тој, со своите крајно безобразни додворувања кон Бугарија, на сметка на Македонија, на очигледен начин работи на свој реизбор. Не бира начини, за да ја обезбеди поддршката на Софија. Познато е дека ЕП ги избира врвните тела на Унијата, вклучувајќи ги и комесарите. Тоа е систем на невидени пазарења меѓу членките, при што поддршката од секоја земја е драгоцена. А потоа, откако ќе бидат избрани на позициите, водачите на Унијата, практично, никому не одговараат.

Последниве година две, во сите понижувања, на коишто беше изложена Македонија од страна на Бугарија, Вархеји играше речиси главна улога. Откако Софија стави вето на почетокот на нашите преговори за членство во ЕУ, тој беше задолжен да се најде излез, или решение. Сите негови потези (веројатно без исклучок!), беа во корист на Бугарија. Неговата улога беше клучна и во ткн. француски предлог“, договорен меѓу премиерите Петков и Ковачевски, којшто ем е навредлив, ем е катастрофален за интересите на Македонија.

На 1 февруари 2023, Вархеји прими група на загрозени“ Бугари од нашава земја! Прашал ли некој – зошто? Тој не е надлежен за малцинства, и нема никаква основа да се инволвира во измислениот проблем на Бугарите во Македонија. Промената на Уставот е дел од нашите преговори, ама тоа воопшто не може да биде повод за средбата. Освен, ако ги убедувал дека уставот не треба да се менува! Не смееше да ги прими дури и некој од неговиот кабинет. Надвор е од умот една ракатка новоизмислени Бугари од Македонија, да се примаат на така високо ниво. Впрочем, Вархеји морал прво да се интересира дали разговарале со надлежните во Македонија, како што прави и судот во Стразбур. Морал да ги подучи, прво да ги искористат сите можности во земјата, и дури потоа да одат во странство. Дома, пак, тие не бараат прием. Ја игнорираат државата и го чекаат Османи да се сети, а тој, пак, не е надлежен за тоа. Така, му се меша во надлежностите на А. Груби.

Вархеји, меѓутоа, немал избор. Бугарскиот претседател, Румен Радев, инаку докажан шовинист, лично барал од него да ги прими. Така, двајцата се вмешале во нашите внатрешни работи, а Вархеји падна и на испитот за конфликт на интереси. Дали Софија за тоа и му компензира, или единствено е во прашање идна поддршка, само Вархеји знае. “Нашите“, пак, таленти, си гледаат сеир, и молчат, во ситуации кога отворено се работи против основните интереси на државата. Веројатно, тоа било и повод за Вархеји да продолжи да работи против Македонија.

Замислете, според мкд.мк, од 15/2/2023 („Се надевам дека следната година, Македонија и Бугарија заеднички ќе го чествуваат Гоце Делчев“), тој во ЕП изјавил – “… како што беше одлучено од раководствата на двете земји, ќе има заедничко одбележување на датумот (4 февруари). Се надевам дека ќе успее следната година и нема да има слични настани на границата“! И, продолжил – ЕУ мора да испрати порака дека историјата се споделува и како таква треба да се слави“! На екстремните бугарски пратеници, пак, тој им се пофалил – „Во случајот со Македонија, поставивме многу јасни правила во преговарачката рамка“. Попрецизен израз би бил – уништувачки правила за Македонија. Рекол и дека се гордеел со приемот на Бугарите од Македонија, за да заклучи – Власта во Скопје не само што е свесна, туку и дејствува за искоренување на секоја омраза кон Бугарите“!?

Просто да не веруваш какви сè глупости направил и истресол овој човек, инаку европски министер! Како да зборува Џамбаски! Нејасно, останува само заедничкото чествување на Гоце. Го измисли ли Вархеји тоа, или нашите политички гении го известиле дека е веќе договорено, и тој само ги издаде?

Вархеји не крие, туку се фали дека Македонија беше закопана со преговарачката рамка, која што е чисто бугарска. Бара со Бугарија дури заедно да ја славиме и историјата за која вели дека е – споделена. Во прва прилика треба да се праша: дали некој друг во Европа слави – „споделена историја“?

А измислицата дека признаваме некаква омраза кон Бугарите, и се бориме против неа? Во секој случај, човеков не знае што зборува. Зарем никој од нашиве талентирани политичари, како на пример генијалниот Маричиќ, не му објаснил дека омраза кон Македонија и Македонците има само во Бугарија, свиткана во ксенофобично не признавање на народот и малцинството. Такво нешто во Македонија, против Бугарија и Бугарите – нема. За време на живковизмот ги жалевме и потценувавме.

За да бидат работите до крај јасни, и да се знае за кого навива Вархеји, мора да се спомне и дека кога во бугарското Собрание дивееја толпа забегани екстремисти, со транспаренти на кои пишуваше дека Македонија е Бугарија, тој – молчеше. Како ништо да не се случило. Како комесар и за добрососедство, којшто е длабоко навлезен во нашата билатерала, мораше да се огласи. Арно ама, жестоко реагираше кога во нашето Собрание, опозицијата гласно и аргументирано беше против „францускиот предлог“, и поразителната преговарачка рамка, која што ни ја испорача токму Вархеји. Верглаше дека ВМРО ДПМНЕ ги преминало европските црвени линии на водење на политика и ги повика да докажат дека се на европскиот пат! Невиден безобразлук.

Какви двојни стандарди! Тој никако не смее да се меша во нашите меѓу партиски пресметки. Мицкоски остро му одговори. Во Софија се враќа фашизмот, и тоа никому во Европа, не му пречи. А, кога кај нас некој се обидува да си ги брани универзалните права, тоа да ти било антиевропски.

Овие монструозни постапки и измислици на Вархеји, само потврдуваат дека ние немаме ниту дипломатија, ниту власти кои работаат за интересите на нашата земја. Крајно време е нашите “политичари“ да сфатат дека со дефетизам, малодушност и неприродна и имбецилна попустливост не се стигнува никаде, освен на ѓубриштето од историјата.

Сите што таму не водат, еден ден ќе мора да излезат пред судот на правдата. Дај Боже, што побргу.

 

Поврзани содржини