ВАРДАР СО НОВ МОЌЕН ПАРТНЕР Касино Аустрија со поддршка за шампионски кам-бек на „црвено-црните“
Касино Аустрија Интернешанал Македонија станува главен поддржувач на РК Вардар 1961, амбициите насочени кон домашен и европски успех.
РК Вардар 1961 доби силен спонзорски поттик откако Касино Аустрија Интернешанал Македонија официјално стана еден од главните поддржувачи на клубот. Партнерството беше промовирано на заедничка прес-конференција, со јасна порака – враќање на „црвено-црните“ на врвот.
Соработката има амбициозна цел – создавање уште посилен тим и реализација на високите цели на Вардар, кој моментално е лидер во домашната Суперлига и атакува на нова шампионска титула. Воедно, тимот го очекува и четвртфинален предизвик во рамки на ЕХФ Европска лига.
Претседателот на клубот, Михајло Михајловски, истакна дека ова партнерство доаѓа во вистински момент.
– Денеска ми е убав ден. Пред половина час потпишавме еден договор за соработка. Ова не е договор од денеска за утре, туку соработка за која се надевам дека ќе трае и во иднина. Тие секогаш спонзорираат, почнувајќи од автомобилизам, па до кошаркарски и ракометни клубови. Но, видоа што е за нив предизвик да спонзорираат. Најголем предизвик е да се биде спонзор на Вардар. За тоа сум им многу благодарен. Ова ќе биде голем ветер во грб, за да се обидеме да се вратиме на патеките каде што припаѓаме. Немаме илузии дека веднаш можеме да ги повториме 2017 и 2019 година, но одиме чекор по чекор, да го постигнеме максимумот што можеме и да бидеме меѓу десетте најдобри во Европа – вели Михајловски.
Од компанијата нагласуваат дека Вардар е препознатлив спортски бренд, поради што одлуката за поддршка била логичен чекор, со цел клубот повторно да биде конкурентен и на домашната и на меѓународната сцена.
Директорот на компанијата, Аднан Шариќ, порача дека ова партнерство е долгорочна инвестиција.
– Горди сме што како компанија стануваме дел од семејството на РК Вардар. Тоа е клуб со традиција, страст и шампионски дух. Не треба многу да зборуваме, Вардар е Македонија, нешто што се знае и надвор од границите на државата. Тука сме да дадеме малку ветер во грб на раководството, клубот да се врати на старите патишта, кон самиот врв во ракометот. Се надеваме дека ќе помогнеме, и тоа во континуитет, со години, и заедно со другите спонзори кои се вклучија, Вардар да се врати таму каде што припаѓа. Сакаме да ги полниме салите, да бидеме со Вардар и заедно да ги славиме успесите на клубот. Ги повикуваме и сите други кои се во можност да помогнат, да го направат тоа. Важно е да се биде дел од Вардар. На играчите останува да се борат и да прават резултати – додава Шариќ.
Од компанијата додаваат дека поддршката не е само финансиска, туку претставува инвестиција во спортот, младите и вредностите што ги носи ракометот – дисциплина, тимска работа и посветеност.
Во меѓувреме, Вардар вечерва ќе одбележи значаен јубилеј – 65 години постоење, на натпревар против РК Алкалоид, кој ќе се одигра во Спортски центар „Јане Сандански“ со почеток од 18:00 часот. Пред натпреварот ќе има и фан-зона, која ќе започне час и половина порано.