ВАПЦАРОВ И ПОПОВ БЕА СТРЕЛАНИ ОД БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИ Во монтиран процес беа осудени на смрт без право на жалба
Во монтираниот судски процес против ЦК на БКП, обвинетите биле осудени на смрт без право на жалба.
На 23 јули 1942 година, бугарските фашистички власти ја извршиле смртната казна врз група истакнати антифашисти, меѓу кои и македонските револуционери и воедно и литерати Никола Вапцаров и Антон Попов.
Како активни членови на воената организација на Бугарската комунистичка партија, тие биле уапсени на 4 март истата година, заедно со нивниот соборец Атанас Романов, и подложени на брутални полициски измачувања во текот на четири месеци.
Во монтираниот судски процес против ЦК на БКП, обвинетите биле осудени на смрт без право на жалба. Иако Вапцаров, под притисок на своето семејство, се обратил со молба до бугарскиот цар за заменување на казната со доживотен затвор, таа била одбиена.
Последните моменти од животот ги поминале во Централниот затвор во Софија, каде што во 11 часот им била прочитана конечната пресуда. Истата вечер, во 21:10 часот, Вапцаров, Попов и четворица бугарски комунисти биле стрелани во дворот на софиска касарна.
Вапцаров бил силен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ содржи 20 песни.
Тој бил еден од организаторите на „Македонскиот литературен кружок“ во Софија во кој членувал и Попов. Од самите членови Вапцаров бил сметан за „срж“ на кружокот. Вапцаров се занимавал со поезија, пишувал критики и бил еден од организаторите на списанието „Литературен критик“.
Неговото дело остава траен печат во македонската и во балканската литература, инспирирајќи генерации поети и револуционери со својата хуманистичка и социјална порака.

Неговиот содругар, Антон Николов Попов е македонски писател, публицист, комунист и учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија.
На почетокот на мај 1941 година е мобилизиран во 25 пешадиски полк на Беломорието. По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП, каде пројавил вонредна активност.
Во својот Дневник објавен во 1938 година Попов пишува:
- „Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди…“