Претседателскиот кандидат Билјана Ванковска, поддржана од партијата Левица, кампањата која ја води под мотото „Го враќаме достоинството на нацијата”, вечерва ја почна со митинг во Струмица.
– Сега страдаме од божемната „наша власт”, која ги згази не само постигањата од минатото туку се однесува како внатрешен окупатор. Ни ја одзеде не само живејачката и волјата за напредување, туку и надежта. Нè ограбија, ни ја згазија честа, го продадоа најсветото, ни ги отселија најдрагите. Подготвени се да го запустат и последното парче плодна почва, воздухот го направија отровен, а последната капка вода сакаат да ја продадат на јабанџии. Сè ни одземаа – освен душата. И неа ли ќе им ја дадеме – порача Ванковска во своето обраќање пред струмичани.
На митингот се обрати и лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев кој истакна:
– Тачевизмот е највисок стадиум на ЗАЕВИЗМОТ и затоа Левица ја почнува својата кампања од бастионот на заевизмот. Да му брцнеме во очи на оној кој направи штета за две генерации!
На митингот се обрати и Сашко Јанчев, носител на листа во ИЕ4 кој кој рече дека Левица ќе се бори до крај против најголемата закана за струмичката котлина – Рудникот во Иловица.
– Левица нема да дозволи да има рудник – истакна Јанчев.