непознати сторители со испишани графити ја нагрдиле спомен плочата поставена пред паметникот на бугарските туристи кои трагично настрадаа во бродската несреќа на Охридското Езеро.
На таблата пред споменикот се забележуваат испишани графити, но самиот споменик или таблата не е оштетена.
Споменикот што се наоѓа во неспоредна близина на Студенчишкиот канал беше откриен минатата година, на 11-годишнината од бродската несреќа во која загинаа 15 туристи од Бугарија.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Министерството за надворешни работи на Бугарија длабоко жали за повторениот чин на сквернавење на спомен плочата на 15-те бугарски туристи кои загинаа во несреќата со бродот „Илинден“ во 2009 година во Охрид, објави прес-центарот на министерството.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според ставот на бугарското Министерство, таков однос кон споменот на невините жртви од трагичниот инцидент е неприфатлив.
„Очекуваме властите во Република Северна Македонија да преземат брза акција за откривање на сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата, како и враќање на спомен плочата во автентична форма“, порача бугарското МНР.
Бугарската амбасада во Скопје, денеска веднаш испрати протестна нота до Министерството за надворешни работи на С Македонија, во која се изразува ставот на Бугарија.