Ванчо Михајлов како новото (не)нормално

Дури не можете ни да ги рангирате по глупост, од онаа „историска“ забрана на спомнувањето на руската култура во Македонија, до денешното отворање на некаков „културен центар“ или „читалнаа“ во Битола викана, ни помалку ни повеќе, туку – Ванчо Михајлов. Не баре овој бил некаков литерат и културен работник, или научник, а не тоа што бил. Битола не најде посоодветно име за „центарот“, туку баш тоа?

1,722

Зошто го велам ова? Затоа што во не така далечната 2008 година, на 1 март, во дворот на извесен велешанец, „свечено“ беше поставена биста на уште еден „голем“ и „важен“ човек во војничка униформа, викан Тодор Александров. По отворениот револт на велешани и оштетувањето (од непознати сторители) на оваа биста, градоначалникот на градот (Аце Коцевски) ги обезбедил сите потребни документи и дозволи за интервенција на приватен имот, и најавил отстранување на нелегалната биста, ако е потребно и со асистенција на полицијата. За да не дојде до тоа, бистата ја отстранил истиот кој и ја поставил! Нормалниот македонски граѓанин веројатно ќе праша: зошто во 2008 година поставувањето на такво спомен обележје во оваа земја било нелегално, но само по неколку години, на истиот униформиран лик, Македонија (во 2012) му подигна огромен споменик – во Кисела вода – што стои и денес? Во двата наврати тогашната опозиција, а сега власт, жестоко критикуваше дека се величаат контроверзни личности од македонската историја, убијци на великани од македонското револуционерно минато (Ѓорче Петров) итн. А кога истата таа опозиција во 2017-та година дојде на власт, не само што не мрдна со прст да ги отстрани сите такви спорни споменици, туку сега со највисоки државни почести ќе се поклони пред „читална“ со името на – Ванчо Михајлов!?

Апропо, истиот велешанец кој во 2008 година ја постави па си ја прибра бистата на Тодор Александров, во 2010-та си постави и биста на Иван „Ванчо“ Михајлов, овој истиот на кој во Битола му посветуваат културен центар. Поучен од приказната со Тодор Александров, велешанецот веднаш по откривањето ја преместил бистата на терасата од својата куќа. Но, сега, како што се менуваат нештата во македонската „политика“, слободно може да ги извади двете бисти и да ги врати во својот двор. Зошто да не? И која е разликата помеѓу биста на еден човек и културен центар со неговото име среде град? Или актуелнава македонска власт не може да ја види идентичноста на случките? Дури и тоа не би ме чудело гледајќи ја нивната капацитетност не само во политиката туку и во историјата, културата, меѓународните односи итн. Но, новото ненормално, особено она во културата, тендира да ја поткопа – ако не и уништи – комплетната македонска досегашна култура. А кога велам култура не мислам само на културата во најтесната смисла на поимот, онаа којашто власта, секоја власт кај нас, настојува така политикантски да ја парцелиса, туку во нејзиното сеопфатно значење. И тука почнуваат, и за жал завршуваат, сите недоразбирања (не само) во македонската политика.

Македонскиот политичар, имено, се смета себеси надреден над граѓанинот, системот, државата… културата. Тој, дебело поткрепен во таа илузија од страна на неговата – еднакво полуписмена – партија и првите соработници, се гледа себеси како решение за сите локални проблеми. Никој, никогаш (сопартијците, платените „советници“ и „аналитичари“, контролните механизми на власта…) не му кажува дека тој е всушност причината за проблемите, а не очекуваното решение. Дека неговото недостојно ниско ниво на домашно воспитување, ученост, демократска капацитетност и (не)култура се основната причина, веќе цели три децении, за ваквото назадување на македонската држава. Тој и таков македонски политичар не може да разбере дека неговата некултура – разбрана во нејзиниот најширок опфат – е директната сопирачка на толку посакуваниот а никогаш не реализиран прогрес. Тој, и не само тој, одамна е заглавен во реалната стапица дека политиката е сѐ што на светот му е потребно денес, незнаејќи дека политиката е всушност „артефакт на културата. Таа е рефлексија: културата ја потпишува политиката“ (Hunter)!

Провинцијализмот, простотилакот, незнаењето… некултурата на македонскиот политичар веќе потпиша цели три катастрофални децении во историјата на оваа држава. А продолжува и денес бидејќи никој не се осмелува на политичарот да му каже дека е глуп, необразован, некултурен, анти-историчен, авторитарен и криминален. Сето тоа, и многу повеќе, ќе се истури денес во Битола, со отворањето на „читалната“ наречена со името на едниот од најверните пријатели на Адолф Хитлер. Впрочем, таа, „читална“, можеше да се вика и цар Борис III, зошто не? И ние повторно ќе ја отворевме, со државни или полудржавни свечености, во присуство на актуелниот бугарски премиер… И повторно, во некоја нова прилика, еден „шарен“ кловн со бело околу носот ќе му се пуштеше некому и ќе му кажеше дека тие како општество ни дозволиле да стигнеме до овде. Каде „до овде“, до „читалната“ Ванчо Михајлов во Битола? И до сето друго околу нас?

Поврзани содржини