ВАНЧО МИХАЈЛОВ Е БУГАРИЗИРАН МАКЕДОНЕЦ На крајот од умот е дека тој би можел да ги помири Бугарите и Македонците

Нема ништо контроверзно во ликот и делото на Ванчо Михајлов, тој е чист како солза. За нас историчарите тој е бугаризиран Македонец. Во интервјуата што тој ги дава пред својата смрт, Михајлов за Македонците ја користи придавката говеда, вели за Плусинфо историчарот Ѓорѓи Чакарјаневски.

5,649

Иван Ванчо Михајлов е чист како солза за историчарите, велат нашите соговорници, кои реагираат на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој оваа историска личност ја нарече контроверзна.

– Нема ништо контроверзно во ликот и делото на Ванчо Михајлов, тој е чист како солза. За нас историчарите тој е бугаризиран Македонец. Во интервјуата што тој ги дава пред својата смрт, Михајлов за Македонците ја користи придавката говеда – вели за Плусинфо историчарот Ѓорѓи Чакарјаневски.






Тој реагира на изјавата на премиерот на македонската влада Димитар Ковачевски, за кого Ванчо Михајлов е контроверзна историска личност, која за дел од граѓаните на Македонија е прифатлива. Премиерот изјавата ја даде како реакција на формирањето на културниот центар на Бугарите од Битола „Иван Михајлов“, на чие отвoрање дојдоа бугарскиот премиер Кирил Петков, неговата заменичка Илијана Јотова, како и други политичари и јавни личности  од Софија.

– Ваквата политика што ја тера бугарската држава е спротивно на интенцијата за помирување на двата народа. Ванчо Михајлов е последната историска личност и за Бугарите и за Македонците, која би можела да биде некаков мост на спојување. Се работи за човек кој наредил повеќе од 200 убиства и кој отворено соработувал со фашисти и со нацисти. Во 1941 година тој заминува во Загреб, каде од поглаварот на Независна Држава Хрватска, Анте Павелиќ, на располагање добива вила во елитниот дел на градот, службено возило и обезбедување. Тој е соработник на Павелиќ, но и на Адолф Хитлер – додава нашиот соговорник.

Дека Михајлов е личноста за која не би смеело да се помисли дека треба да добива какви било почести во Македонија, согласен е и вториот историчар што го контактиравме.

– Ванчо Михајлов доаѓа на чело на ВМРО во 1924 година, по што повеќе од 4.000 Македонци во Бугарија гинат во чистките и братоубиствената војна започната од негова страна. Михајлов, исто како и неговиот ментор Тодор Александров е бугаризиран Македонец и историчарите немаат дилема околу тоа – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Тој вели дека Михајлов не може да послужи како некаков мост за соработка на две држави, бидејќи е негативна историска личност и за Македонците и за Бугарите.

– Не е спорно тоа што неговата восочна фигура е изложена во музејот на ВМРО во Скопје, но мора да се постави и објаснување за каква историска личност се работи. Мора на сите да им стане јасно дека Михајлов не ја признавал македонската нација и македонскиот јазик – додава Чепреганов.

Копретседателот на Комисијата за историја, Драги Ѓоргиев, смета дека културниот центар во Битола, кој го носи името на Иван Михајлов е смислена провокација, која во исто време испраќа и одредена порака.

– Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство – оценува Ѓоргиев во изјавата за Дојче веле.

Тој додава и дека сега ќе биде многу тешко да се направи каков било компромис во комисијата, но и воопшто во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија.

– За жал, ваквиот чин ги минира и ги доведува во прашање и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин се задушуваат и така сé помалубројните и сé потивки гласови на разумот на двете страни и се рушат и последните надежи за пристоен дијалог. Уште потажно е и тоа што е злоупотребена културата, еден од ретките мостови меѓу двата народи – вели Ѓоргиев.

Од македонските функционери, недвосмислено и јасно единствено претседателот Стево Пендаровски реагираше на отворањето на културниот центар во Битола, потенцирајќи дека еден соработник на хитлеровиот режим не може да биде претставен како мост на добрососедство.

Поврзани содржини