Валкана игра за влез во НАТО

860

Приемот на Македонија во членството на НАТО во 2020 година беше поздравено како ставање точка на долготрајни, речиси тридеценски притисоци и мачно тегавање околу спорот со Грција за промена на името. Тоа беше еден од најдобрите примери за валканите и непринципиелни меѓународно-политички игри во кои конците најсилно ги влечат големите сили.

Но, се разбира, не и единствен пример. И за Шведска, една од најразвиените и најбогати западни земји, зачленувањето во НАТО не претставуваше лесен и елегантен исчекор по пат послан со рози. Шведското патување кон НАТО, сосема „неочекувано“, се отегна скоро две години, и сѐ уште не е завршено. Всушност, се одвиваше со ефект на уште една непријатна приказна во која преговорите за членство во НАТО се развлекоа како добра лекција за валкана политика во меѓународни рамки.






Шведска остави зад себе повеќе од 200 години воена неутралност. Медиумските коментари се речиси без нијанси. Путиновите стремежи за јакнење на руската сфера во Европа ја натераа Шведска да го прогласи крајот на една значајна епоха во сопствената историја. Шведската неутралност, независно од тоа како суштински се оценува нејзината историска вредност, ќе продолжи да фигурира главно како четиво во историските учебници.

Тоа што на Путин му појде од рака е не да го потисне НАТО, туку со својата агресивна војна во Украина го поттикна неговото натамошното проширување. Две земји со неутрален статус побараа членство во НАТО, со што значајно се засили присуството и военото позиционирање на Алијансата во Балтичкиот регион.

Но дебатата нуди и поинакви перспективи на гледање на нештата. Западните влади чинат сѐ за да се покажат во светлина на принципите на морално и политичко однесување. Но за едно толку важно прашање, какво што е зачленување во воено-политичкиот сојуз НАТО, шведските, а претходно и финските граѓани, воопшто не добија можност да се изјаснат. Одлуката ја донесоа партиите во Парламентот, прикажувајќи го тоа како демократски легитимитет.

Референдум, како израз на демократско прави и волја на граѓаните, едноставно беше прескокнат, бидејќи политичките елити секако процениле дека ова прашање очигледно би било ризично да се изнесе на плебисцитарно изјаснување, поради тоа што би отворило низа други значајни прашања за кои не се посакува широка јавна дебата.

Но тоа што можеше речиси преку ноќ да се забележи, по споменатата епоха од две столетија неутралност, беше неподелена поддршка во медиумите и меѓу политичарите за НАТО. А едно од тие непријатни прашања е зошто кога државата е исправена пред крупни предизвици се дозволува референдумско изјаснување, каков што беше случајот, на пример, со зачленувањето во Европската монетарна унија, а за што беше одржан референдум во Шведска, кој заврши со негативен исход и победа на противниците на воведувањето на еврото, но истото тоа не се дозволува и во однос на зачленувањето во НАТО? Во Алијанса со нуклеарен воен арсенал, во која се зачленувате со можност да биде учесник во идни светски војни.

Критичарите често велат дека воениот вокабулар се користи од страна на цинични суперсили и геополитичари, кои во основа не покажуваат некаква посебна загриженост за консеквенците од сопствените постапки. Но оној што се повикува на НАТО во моментот кога избувнува криза, требало да испрати молба за прием многу одамна, а не да мавта со знамето на воена неутралност во услови на мир, за потоа панично да го смени бајракот во случај на војна. Повеќе нема место за илузии околу мирот во Европа, како што деновиве рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Можеби не е најдобро избран миг да се зборува за цинизам, но се чини дека токму ваквите изјави, како на Дер Лајен, која зборува за „илузиите околу состојбата на нештата“, одат напоредно со напорите на НАТО да го зајакне својот морален капацитет и да не дозволи да биде доведен под сомнение.

Така е и со новите членки. По втората светска војна Шведска ја задржа определбата како официјално неутрална земја, иако зад кулисите активно соработуваше со западните сили. Сега е, конечно, дојдено време да застане активно, рамо до рамо, на страна на демократиите во борбата против диктатурите и потчинувањето. Тоа е сликата за која нема алтернатива во најшироката јавност.

Но лекциите за валканите меѓународно-политички игри ќе останат како плускавци кои прават болка и откако чевлите ќе бидат добро разгазени. Пречките, кои најмногу од страна на Турција и Унгарија, беа поставени на патот на Шведска кон НАТО, имаа одреден ефект токму на функционирањето на демократијата, така што резултираа со промени на ставовите на шведската влада во однос на слободата на изразување, правната сигурност, демократските права, отвореноста за критика, при што, меѓу другото, избувна пожар со палење на Куранот во Стокхолм и во други шведски градови, но набрзо беше згаснат. Непопустливоста на Ердоган и неговите закани со вето придонесоа шведската влада да го смени курсот и да ја крене забраната за извоз на оружје во Турција. Беа потребни и повеќе исцрпувачки преговарачки рунди за Вашингтон најпосле да му вети на турскиот претседател испорака на воени авиони Ф-16. А и отпорот на Унгарија против членството на Шведска попушти откако Орбан, меѓу другото, успеа да го наговори шведскиот премиер Улф Кристерсон да дојде во Будимпешта и да потпише договор за испорака на уште четири шведски воени ловци Јас-Грипен за Унгарија.

Требаше ли Шведска да биде толку попустлива, и какви последици ќе остави тоа на нејзината политика, ќе покаже иднината. Во секој случај, Шведска, со своите значајни ресурси, големата територија, пристапот до Балтичкото Море, силната воена индустрија и економските потенцијали, имаше со што да се испазари, без оглед на висината на цената, за да и се отвори вратата кон прегратката на НАТО-семејството.

Приказната на Македонија е мошне поразлична и со сосема поинаков епилог. Во валканата меѓународна игра сѐ повеќе доаѓаше до израз „заморот“ околу спорот со името. Во една пригода Метју Нимиц рече дека Бутрос Гали, кој беше на чело на ОН кога Македонија беше примена во членството со привремено име, „излудуваше кога не успеваше доволно да се сконцентрира за да не го згреши името „бивша југословенска република Македонија“ (the former Yugoslav Republic of Macedonia, FYROM).

Македонија, за да стане членак на НАТО, немаше со што друго да се испазари, освен со сопственото државно име. Можеби не на еднаков начин како во случајот со Шведска, но, сепак, тежината на последиците од таквата попустливост ќе ги покаже иднината.

 

 

Поврзани содржини