Вакцинираните волонтери со првата руска вакцина немаат сериозни компликации
Според Фјодор Лисицин несаканите ефекти што биле забележани се компликации што се јавуваат при секоја вакцинација.
До денес не се откриени сериозни компликации кај волонтерите кои ја примиле вакцината „Спутник V“ против коронавирусот, изјави водечкиот истражувач на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, Фјодор Лисицин.
– Што се однесува до компликациите, ништо не е променето, не се откриени сериозни компликации – рече тој во интервју за ТВ каналот „Русија-24“, пренесе „ТАСС“.
Според него, несаканите ефекти што биле забележани се компликации што се јавуваат при секоја вакцинација.
– Ова не се дури и компликации, тоа се забележани ефекти – рече тој.
Сепак, рускиот експерт забележал дека секоја личност има индивидуална реакција на вакцината, така што луѓето треба да поминат задолжителен медицински преглед пред вакцинацијата.
На 11 август Русија стана првата земја што регистрирала вакцина против коронавирусот наречена „Спутник V“, а оваа вакцина е развиена од институтот „Гамалеја“.