ВАКЦИНАТА СЕПАК ШТИТИ ОД КОВИД-19 Мал е бројот на вакцинирани меѓу новозаразените

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека од околу 400.000 ревакцинирани и од околу 500.000 со прва доза, само 0.002 отсто се заразиле,

543

Бројот на новодијагностицирани случаи во последните денови нагло расте. Според динамиката со којашто бројот се зголемува пред нас се неколку денови или недели во коишто ситуацијата може да биде навистина критична, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче за време на посетата на Болницата во Охрид.

– Според анализата, зголемен е бројот на новодијагностицирани пациенти и пациенти за хоспитализација особено во градовите кадешто е најмал опфатот на вакцинирани граѓани, односно во Тетово, Гостивар, Кичево и Куманово кадешто околу 20-23 отсто е опфатот на вакцинирани граѓани. За разлика од Охрид, кадешто има скоро 50 отсто опфат со вакцинација, моментално има помалку од 10 пациенти коишто се хоспитализирани – рече Филипче.






Од вкупно 3.497 пациенти коишто се дијагностицирани изминатите 7 дена, 3.047 се невакцинирани, што значи само 10 отсто се вакцинирани и се позитивни и тие коишто се во болница и на лекување имаат прилично стабилна состојба.

– Она што охрабрува е дека од вкупниот број на вакцинирани во нашата држава, околу 400.000 ревакцинирани и од околу 500.000 со прва доза, само 0.002 отсто се заразиле, што укажува на тоа дека само вакцинираните граѓани и таа популација е прилично сигурна и обезбедена. Тоа е доказ дека вакцината е безбедна, тие граѓани немаат никакви компликации, дека е ефикасна очигледно, еве сега доказ дека е ефективна – рече Филипче.

Во однос на вакцинацијата тој рече дека таа  добро се одвива во сите градови.

– Верувам дека опфатот и понатаму ќе расте, одличен е одзивот за најавата на новите мерки коишто почнуваат од 16 август, околу 8.000 граѓани во просек на ден се јавуваат да примат прва доза на вакцина, јас верувам дека ако продолжиме со таа динамика за прилично некое кратко разумно време значајно ќе се зголеми опфатот со вакцинација – рече Филипче.

Од Министерството за здравство информираат дека Инфективната клиника е пополнета со пациенти. Во КИБФС се третираат и пациенти дијагностицирани во градот Скопје. Инфективните одделенија се исполнуваат, се активираат останатите ковид центри, а системот, лекарите во тимовите за ротација, се спремни да го дочекаат притисокот и од овој бран.

Поврзани содржини