Вакцината на „Фајзер“ се доближува до 100 проценти заштита од ковид-19
Анализата исто така понуди реални докази за ефикасноста на вакцината во многу заразната варијанта на ковид-19, која беше откриена во Велика Британија и е позната како „B.1.1.7“.
„Фајзер“ и „ВиоНТек“ соопштија дека податоците од Израел сугерираат дека нивната вакцина против ковид-19 е ефикасна 94 проценти во спречување на асимптоматски инфекции, што значи дека вакцината може значително да го намали пренесувањето на вирусот.
Компаниите исто така наведоа дека најновата анализа на податоците во Израел покажуваат дека вакцината била ефикасна 97 проценти во спречување на симптоматско заболување, тешка болест и смрт, објави „Ројтерс“.
Податоците се во согласност со податоците од клиничкото испитување на вакцината во декември, кое покажа дека вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“ е ефикасна 95 проценти.
Анализата исто така понуди реални докази за ефикасноста на вакцината во многу заразната варијанта на ковид-19, која беше откриена во Велика Британија и е позната како „B.1.1.7“.
Во Израел, само ограничен број на луѓе биле заразени со таканаречената јужноафриканска варијанта, позната како „Б.1.351“, така што не било можно да се процени ефикасноста на вакцината против таа варијанта.
Израел е прв во светот според бројот на вакцинирани граѓани, така што до вчера околу 55 проценти од девет милиони жители биле вакцинирани со вакцината на „Фајзер-БиоНТек“, додека 43 проценти ги примиле двете дози на вакцината.