Вакциналните пасоши што ќе им се делат на вакцинираните граѓани ќе бидат во хартиена и во дигитална форма
Во моментов Министерството за здравство и Република Северна Македонија се усогласува за интероперабилен документ таканаречен „вакцинален пасош". Ги следиме стандардите утврдени од страна на земјите членки на ЕУ и според истите ќе дејствуваме, велат од МЗ за Плусинфо.
Вакциналниот пасош што ќе им се доделува на граѓаните кои ќе ја примат втората доза од вакцината против ковид-19 ќе биде во хартиена форма, но ќе може да се користи и во дигитална форма, откриваат за Плусинфо од Министерството за здравство.
Оттаму велат дека ги следат стандардите кои се утврдени од страна на земјите членки на ЕУ и дека според тие стандарди ќе дејствува и нашата земја.
– Во моментов Министерството за здравство и Република Северна Македонија се усогласува за интероперабилен документ таканаречен „вакцинален пасош”. Ги следиме стандардите утврдени од страна на земјите членки на ЕУ и според истите ќе дејствуваме. Првиот момент кога ќе бидат дефинирани сите сегменти во однос на овој вакцинален пасош ќе биде соопштено во јавноста. Вакциналниот пасош најверојатно ќе биде во хартиена форма, но ќе може да се користи и во дигитална форма – велат од Министерството за здравство.
Директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исијановски, вчера прв ја отвори оваа тема и најави дека граѓаните кои ќе ја примат втората доза на вакцината ќе добиваат вакцинални пасоши со кои ќе им биде овозможено да патуваат во земјите каде што се бара ваква потврда.
– Колку што сум запознаен, за сите оние лица кои патуваат во странство поради задоволство или поради бизнис, „Мој Термин“ подготвува еден таков сертификат, којшто ќе биде издаван по примањето на втората доза. Па така, граѓаните нема да имаат никаков проблем доколку заминат во држава којашто ќе им бара да приложат документ за примена вакцина – рече Исијановски.