Вакцинацијата се сели во „Букурешт“, руската вакцина ќе се сефтоса во старечките домови
Вакцинацијата со руските вакцини ќе продолжи согласно Националниот план кадешто следни ќе се вакцинираат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови, одговорија денеска од Министерството за здравство на прашањето со која категорија граѓани ќе продолжи вакцинацијата со примените руски вакцини
Вакцинацијата на здравствените работници е преместена во поликлиника „Букурешт“ откако во петокот модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје по два месеца повторно беше отворена за прием на пациенти со компликации од вирусот ковид-19.
Вчера во Скопје пристигна првата пратка од 3.000 дози на руската вакцина „Спутник В“ од која вкупно се нарачани 200.000 дози.
Според министерот за здравство Венко Филипче, имунизацијата со оваа вакцина ќе стартува во среда.
– Вакцинацијата со руските вакцини ќе продолжи согласно Националниот план кадешто следни ќе се вакцинираат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови – одговорија денеска од Министерството за здравство на прашањето со која категорија граѓани ќе продолжи вакцинацијата со примените руски вакцини.
Руската вакцина е замрзнат раствор од 0,5 милилитри за еден корисник, а ќе се чува во фрижидерите во пунктот во поликлиниката „Јане Сандански“.
– Станува збор за вакцини кои што се различни во делот на вакцинацијата и ревакцинација, што значи дека сите овие дози ќе се користат за прва вакцина – објасни Филипче.
До втори март вакцина против ковид-19 примија 2.680 здравствени работници. Тие беа имунизирани со вакцини од производителот „Фајзер“ кои Македонија го доби како донација од Србија.
Според последните податоци од Здравство, до 6 март за вакцинација се пријавиле 71.900 граѓани, а 46.414 преку матичен лекар. Од вкупно пријавените 118.314 граѓани за вакцинација, 56.784 граѓани се на возраст над 70 години. Овие бројки се многу мали во однос на очекуваните поради што министерот Филипче апелираше до матичните лекари и до граѓаните да се пријават за вакцинација. Националниот план за вакцинација предвидува да се вакцинираат 170.000 граѓани над 70 години. Според податоци што ги сподели Министерството за здравство преку порталот А1он, најстарото лице кое се пријавило за вакцина во земјава има 106 години, седуммина имаат од 100 до 102 години, а 1.255 луѓе се на возраст од 88 до 99 години.
По примањето на вакцината се препорачува сите несакани последици по да се пријават во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Пријавувањето на несакани реакции од примената на вакцината против ковид-19 е законска обврска на здравствените работници и на пациентите. Пријавувањето се врши електронски на образец што е објавен на веб страницата на Агенцијата https://malmed.gov.mk/пријави-за-лекови-имед-средства/ или во пишана форма преку писарницата на Агенцијата, како и до ЈЗУ Институт за јавно здравје.
Според премиерот Зоран Заев, до крајот на годинава вкупно треба да добиеме до 2,5 милиони вакцини и тоа од кинеската вакцина 200.000 дози, 800.000 од „Фајзер“, 833.000 преку КОВАКС механизмот, 200.000 од Русија, а тука се вбројуваат и донациите од соседите.